Skip to main content

Доделување на наградите од конкурсот „Кој не сака пролет?“ во чест на 110 годишнината од раѓањето на Волче Наумчески

На 24 март, во вторник од 12.00 часот во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, ќе бидат прогласени авторите на најдобрите детски творби од конкурсот „Кој не сака пролет?“ кој го распиша Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ-Прилеп во чест на 110 годишнината од раѓањето на поетот Волче Наумчески.

Наумчески е роден во Прилеп, на 18 јануари 1916, а починал во Скопје, на 20 март 1980 година. Тој е автор на првата стихозбирка целосно испечатена на македонски јазик во предвоена Југославија. Станува збор за стихозбирката „Иди пролет“ испечатена во Битола, во 1939 година. Објавил неколку стихозбирки за возрасни и за деца меу кои „Пролетни желби“, „Виорно време“, „Седумдесет цветови“ и други. Стихозбирката „Седумдесет цветови“ долго време била лектирно издание за учениците во основните училишта во Македонија.

На конкурсот распишан токму на денот на раѓањето на Наумчески, а именуван по стих од неговата песна „Убавина“, пристигнале педесетина творби на слободна тема на ученици од општините Прилеп, Крушево, Кривогаштани и Долнени, а избрани се шест најдобри творби во две категории, за ученици од 3 до 5 одделение и за ученици од 6 до 9 одделение.

Изборот на најдобрите песни, го направи поетесата Вера Андон, која ќе допатува во Прилеп и пред да се соопштат наградите, ќе одржи литературна средба со учениците од споменатите општини. Наградените учесници ќе добијат дипломи, книги и аудио записи на нивните наградени творби, во интерпретација на поетесата Вера Андон. Подготвени се дипломи и за менторите на наградените ученици, а сите учесници на конкурсот ќе добијат благодарници.

Поврзани вести