Skip to main content

Денеска завршува меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“: Ајшенур Карадениз од Турција најдобра учесничка

Новото издание на меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ завршува денеска со прогласување на 12 најдобри млади уметници, прогласување на најдоброто училиште и прогласување на најдобриот учесник поединец на годинешниот фестивал на ликовната уметност во Битола.

Ајшенур Карадениз од турскиот град Трабзон е избрана за најдобра учесник, млад ликовен уметник на годинешната меѓународна детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.
Со одлука на меѓународното жири за најдобро училиште е прогласено ателјето „Артино“ од Белград, а на денешното свечено затворање посебни признанија добија и 13 индивидуалци од исто толку држави во светот.

Заврши 44. издание на „Мал битолски Монмартр“, фестивал на уметноста на кој годинава учествуваа делегации од 17 држави во светот. Над 150 учесници уживаа во убавините на Битола, Охрид и манастирот Свети Јован Бигорски, каде сликаа староградска архитектура и се дружеја со своите домаќини. Интересно беше во Охрид каде по дождливиот ден кој ги затекна нашите учесници, љубезните угостители возвратија со фенови, крпи и топол чај и им овозможија на младите ликовни уметници да продолжат да сликаат низ градот. Секој ден доделувавме по четири посебни награди, а на затворањето меѓународното жири ги избра најдобрите учесници, истакна Славчо Неделковски, претседател на управниот одбор на ДЛС „Св. Кирил и Методиј“-Битола.

За време на колонијата, освен цртање на повеќе локации, за учесниците на „Мал битолски Монмартр“ беа организирани дуо изложба на ликовните педагози Марија Дима од Романија и Вејсел Аџар од Турција и други придружни манифестации.

Децата од светот, учесници на меѓународната ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ цртаа пред Офицерски дом, најголемото архитектонско здание во Битола, а организаторот и домаќин на колонијата, детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола информираше дека над 150 учесници од 17 држави во светот цртаа мотиви од Офицерскиот дом, како и од објектите што го окружуваат овој историски важен објект за градот.

Претпладнево од 10 часот, учесниците од скоро сите континенти на планетата ќе цртаат пред Офицерски дом, на локации кои сами ќе ги изберат, на запад кон Пелистер, на север кон Широк Сокак или на југ кон Тумбе Кафе. Во вечерната програма ќе има изложба на дела од минатата година, но и завршна изложба на отворено со сите дела изработени оваа година во Битола, Охрид и бигорскиот манастир, информираа од ДЛС „Св. Кирил и Методиј“-Битола.

Поврзани вести