Skip to main content

Членовите на Камерниот оркестар на Битола на средба со Претседателката Сиљановска-Давкова: Истакната важноста на инвестирањето во музичката култура

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со членовите на НУ Камерен Оркестар на Битола: в.д директорот Дејан Цветковски, диригентот и основачот Владимир Димовски, виолинистот Никола Трајановски и виолончелистот Љупчо Милевски.

Во фокусот на разговорот беа успесите, проблемите и предизвиците со коишто се соочува оркестарот.

Соговорниците ја запознаа претседателката со нивната четиридецениска музичка приказна, којашто по кус прекин продолжија да ја пишуваат во 2013 година.

Со љубов зборуваа за бројните настапи низ годините, за разновидниот репертоар, за соработката со истакнати домашни и странски уметници, за младите таленти, за успешните концерти.

Претседателката им изрази почит за професионалноста и страсната посветеност, за видливите резултати, значајни не само за Битола и битолската публика, туку и пошироко.

Евоцирајќи незаборавни музички моменти со нив, претседателката ја истакна важноста на инвестирањето во музичката култура и нејзиното позитивно влијание врз духовното здравје на луѓето и државата.

Таа во нив препознава врвни уметници, а во нивната музика силна инспирација за генерациите.

Гостите ги споделија со претседателката, не само убавите, туку и тешките моменти во музичкиот живот, главно од финансиска природа заради скромниот буџет на институцијата.

Претседателката укажа на важноста од опстојување на овој реномиран оркестар, единствен надвор од главниот град, потенцирајќи дека музичкиот ентузијазам има потреба од финансиски стимул.

Успешното учество на овој оркестар на бројни реномирани фестивали за класична музика низ Европа, како и одличната обработка на македонската изворна музика ја докажува битолската традиција на негување на уметноста, како и македонскиот непресушен музички талент.

За претседателката ќе остане незаборавен нивниот настап во Рим за време на чествувањето на денот на Св. Кирил и Методиј.

И Битола, и битолската публика, и публиката од регионот имаат насушна потреба од НУ Камерниот оркестар.

Поврзани вести