
Наградата „Букстар“ за најзначајна книга меѓу двете изданија на фестивалот му се доделува на Блаже Миневски за збирката раскази „Опаш во устата“ („Антолог“, 2025), соопшти организаторот на Фестивалот на европска литература Букстар, „Антолог“.
Со оваа книга Миневски уште еднаш го потврдува своето врвно раскажувачко мајсторство. Во книгата како во магионичарски перформанс се преплетуваат традицијата и современоста, хуморот и горчината, реалното и фантастичното, историското и личното. Расказите функционираат како дестилат на вековната усна македонска наративна традиција, претставувајќи богатство од стилови и пристапи – од репортажа и фељтон до фасцинантна и имагинарна фикција. Дел од расказите се веќе објавени како добитнички на највисоките можни награди за расказ и имаат стекнато извонредни критички реакции од домашната и меѓународната јавност. Кај Миневски е особено уочливо виртуозното поигрување со нарацијата, оригиналноста во обработката на историските теми, камелеонското менување на стилот и фокализаторот до непрепознатливост, како и способноста да се оживеат различни слоеви од видливото и невидливото. Со книгата „Опаш во устата“, Миневски не само што го потврдува својот раскажувачки глас како водечки во македонската литература туку ја збогатува современата проза, создававајќи дело кое може да се пренесе и надвор од локалниот контекст, отворајќи ја домашната книжевност кон пошироки културни хоризонти, се вели во образложението.
Блаже Миневски (1961) е прозаист и драмски автор. Автор е на десет романи. За романот „Нишан“ ги доби наградите „Стале Попов“ и „Роман на годината“, и наградата на Град Скопје – „13. Ноември“, а за романот „Свирци“ – наградата „Прозни мајстори“ на фондацијата Македонија презент. Миневски ја има добиено и наградата „Најчитан автор“, признание што го доделува Националната библиотека „Свети Климент Охридски“ од Скопје. За романот „Ако се родат некакви чувства“, посветен на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче, Миневски ги доби наградите „Стале Попов“ и „Рациново признание“ по вторпат. Освен досега објавените романи, Миневски има публикувано и неколку книги раскази, меѓу кои се „Пристапната беседа на академик Сисое“, „Во рогот на волот“ и „Сезона на глуварките“ за која го доби престижното „Рациново признание“. Неговите драмски текстови со години беа на репертоарите на македонските професионални театри, но се играа и како премиери на Охридско и на Скопско лето, а за пиесата „Немушт јазик“ ја доби наградата на МНТ за најдобар драмски текст во 2001 година.
Романите „Јас, Тито и Мики Маус“, „Нишан“ и „Мрежата на мамли“ се преведени и објавени на српски јазик во Белград, а романите „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ и „Мемоарите на една млечка“ се преведени и објавени на бугарски јазик. Романот „Нишан“ е преведен и објавен на англиски, италијански, ерменски, бугарски, словенечки, арапски, кинески и на полски јазик. Англискиот и полскиот превод на романот „Нишан“ влегоа во конкуренција за наградите „Impact Dublin”во Ирска и „Angelus“ во Полска. Блаже Миневски е застапен во сите антологии на македонската кратка проза објавени последните триесетина година во Македонија и надвор од неа, а за неговите раскази, преведени на повеќе од дваесет јазици во светот, е многукратен добитник на наградите „Студентски збор“, „Нова Македонија“, и „Живко Чинго“.

Наградата ќе биде доделена на отворањето на Фестивалот на 29 септември од 19.30 ч. во Салата Империјал 2 на Културно-информативниот центар. Наградената книга ќе ја претстави проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Наградата „BookStar“ се доделува од 2016 година. Првите две години од воведувањето во фокус беше книгата што поттикнала најголем интерес помеѓу две фестивалски изданија, но потоа се доделува на актуелна книга или автор во текот на претходната година. Наградата се состои од плакета и статуетка дизајнирана од Игор Делов. Дeл од досегашните добитници се: Светлана Алексиевич, Николо Аманити, Евгениј Водолазкин, Наџат ел Хачми и други. Миневски е прв македонски добитник на оваа значајна награда, и тоа во годината кога „BookStar“ го свртува своето внимание кон домашната литература и предизвиците со кои се соочуваат македонските писатели.
Во изборот на учесници Фестивалот прави одлична комбинација од современите европски гласови и домашни автори и тоа од сите генерации, како имиња кои веќе се препознаени како современи класици, така и помлади, обидувајќи се на едно место да ги собере речиси сите актуелни добитници на значајни книжевни признанија во текот на минатата година.

Фестивалот „Букстар“ 2025 се одржува под слоганот „За писателцките работи“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Чешка, како и на Чешкиот литературен центар. Официјален фестивалски пијалак е „Скопско“. Дизајнот на плакатот е дело на Гордана Вренцоска. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија.