Skip to main content

Балканско-европска турнеја на МНТ со „12“, „Народен пратеник“ и „Ничија земја“

Македонски народен театар / Александар Микиќ, Јордан Симонов и Тања Кочовска во „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин

Македонскиот народен театар (МНТ) од 8 април тргнува на балканско-европска турнеја со три атрактивни и едни од најгледаните претстави на репертоарот „12“, „Народен пратеник“ и „Ничија земја“. Гостувањата се во рамките од одбележувањето на 80. јубилеј, од градењето и создавањето на националнииот театар.

Турнејата на МНТ ќе започне со најактуелните претстави од големата и малата сцена, а тоа се : „12“ по мотивите на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов и „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин и „Ничија земја“ од Денис Тановиќ, а во режија на Александар Морфов. Предвидени се два блока на гостувања, надвор од границите како и во нашата земја.

Во првиот блок се гостувањата во Црна Гора и Босна и Херцеговина. На 8 април МНТ гостува во Црногорско народно позориште – ЦНП, Подгорица, каде што ќе се одигра „Народен пратеник“, а ден потоа на 9 април, ќе се одигра и претставата „12“. По настапот во Црна Гора, на 11 април следи гостувањето на „Народен пратеник“ и на 12 април со претставата „12“ во Сараево, Босна и Херцеговина.

На 15 април со претставата „12“, МНТ ќе биде дел од фестивалската програма „5РЕ“ во Велес.

По пауза од 22 години, МНТ ќе учестува на 70. „Стериино позорје“, Нови Сад, каде што на 1 и 2 јуни пред новосадската публика ќе се одигра претставата „Народен пратеник“.

Претставата „12“ на 17 јули ќе биде дел од програмата на „Охридско лето“, а истата ќе биде изведена на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Во вториот блок, во текот на септември предвидено е гостувањето со претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, во Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта, Унгарија.

Гостувањето во театарот „Иван Вазов“, Бугарија ќе се случи наесен, 2025 година, со претставата „Народен пратеник“.
Ова нека не биде само патување низ простор и време туку и патување низ душата на уметноста, која ќе нѐ потсети дека театарот е одраз на животот во неговата најчиста форма.

Поврзани вести