Skip to main content

Ана Дурловски: Мојата кариера во една сцена? Тоа е Аркел во „Пелеас и Мелисанда“ – смирен поглед кон темното, длабоко и мирно море, над чија површина се надзираат мали светленца

Смирен поглед кон темното, длабоко и мирно море, над чија површина се наѕираат мали светленца, како погледот од брегот кон морето на Аркел во „Пелеас и Мелисанда“ од Дебиси“ е кусиот опис, кој познатата македонска оперска певица Ана Дурловски во интервјуто за МИА го даде како сцена со која би ја опишала својата кариера.

Мошне неизвесна и нестабилна професија, како што ќе рече познататиот сопран, но стабилноста ја црпи од заедничкото творење со нејзиниот сопруг, познатиот македонски бас Игор Дурловски, со кого следниот месец ќе одбележат 25 години оперска кариера.

Интервјуто е направено по повод 25 годишниот јубилеј, кој ќе биде одбележан со новогодишен концерт на 17 декември во Националната опера и балет, а на кој ќе настапи симфонискиот оркестар „Ајга” под диригентство на Ана Спасовска. Познатата оперска двојка на македонската сцена ќе изведат избор љубовни песни од македонската музичка традиција, во нови аранжмани кои за оваа пригода ги направи композиторот Сони Петровски. Поради големиот интерес билетите на 17 декември се распродадени, поради што одлучиле да организираат уште еден на истата сцена, со истиот оркестар, ден претходно, на 16 декември. 

Дурловски во разговорот за МИА вели дека не би можела да издвои една претстава, награда, признание, како досегашно нејзино најголемо достигнување, но она што го смета за најголем успех е профилирањето со еден свој, автеничен сензибилитет кој допира до публиката.   

Во интервјуто разговара и за впечатоците од настапот во виенскиот „Музикферајн“, за почетоците и текот на кариерата, за начинот на кој се презентира еден лик пред публиката, за предностите и слабостите сопружниците да бидат во иста професија, за тоа колку младите слушаат опера и дали се потребни некои „освежувања“ за да им се приближи овој класичен музички израз…

Во центарот на операта е човекот, човечките судбини, неговите емоции, вели Дурловски и додава дека секако треба да се земат предвид и новите начини на изразување за да се допре до младите. Потенцира дека тука е најважна автеничноста, бидејќи публиката ја чувствува. 

Ана Дурлоски открива и дел од следните нејзини проекти, како гостувањето во Државната опера на Хамбург, каде ќе се изведува досега неизведуван оперски наслов од Моцарт, а се подготвува и за Лаурета во „Џани Скики“, Дона Ана во „Дон Џовани“ и за „Алчина“. 

Во продолжение следува целото интервји со првенката на Македонската опера и балет со видеоматеријал. 

Одбележувате 25 годишен јубилеј на уметничката сцена со Новогодишен концерт во Скопје. Ќе може ли да ни откриете каква програма подготвувате, дали ќе има специјални гости или изненадувања за публиката?

Овој концерт го замисливме како една интимна приказна што сакаме да ја споделиме со публиката, всушност нашиот пат е заеднички и така сакавме и да го одбележиме, заедно со голем симфониски оркестар. Тоа што ја одбележуваше нашата работа во текот на овие 25 години е љубовта, музиката, носталгијата и сето тоа е преточено практично во композициите, кои што ќе ги изведеме, тоа се македонски љубовни песни, аранжирани за голем симфониски оркестар, би кажала маестрално аранжирани од Сони Петровски и на тој начин, преку дијалог со публиката, музички ќе кажам, да се одбележи овој наш скромен јубилеј. 

Не е баш скромен, 25 години е навистина долг период во кои имате големи достигнувања. Каде и кога ќе се одржи концертот?

На 17 декември во салонот на Македонската опера и балет, со тоа што што ние мислевме дека ќе одржиме еден концерт, но интересот навистина е голем и решивме, сепак, да има и втор концерт, бидејќи влезниците се распродадени и тоа навистина брзо, така што вториот концерт ќе биде на 16 декември.

Од „Музикферајн“ во Виена го најавивте Новогодишниот концерт, каде меѓу другото „Тешкото“ одекна меѓу присутните, вашиот впечаток од овој настап? Присутни на концерот велат дека имало и солзи?

Знаете како, тоа е еден храм на европска уметност. Немаше поубав начин да се одбележи овој јубилеј на Македонската филхармонија. Да, сите бевме возбудени, сите бевме почестени, во истовреме и благодарни, поради тоа што можевме да ја делиме сцената со имиња кои се мошне познати, не само од музичката литература и воопшто, со музички достигнувања од највисоки размери, како Карајан, Абадо. Да се биде на таа една иста сцена и при тоа на моменти да го чувствуваш нивното присуство е навистина една посебна ситуација. Би рекла дека се чувствува минливоста на сите нас, но тоа што останува е музиката, која што е вечна. Верувам дека не сум единствена со овие чувства и благодарна сум на можноста и на тоа дека успеавме македонската музика да и ја презентираме на европската престолнина. И тие беа навистина благодарни затоа што одбравме таков репертоар, бидејќи не секаде може да се слушне ова богатство, кое што ние го имаме. 

Јубулејот го одбележувате со љубовни песни, Вие и Игор Дурловски сте една од ретките уметнички двојки кои ја градат својата кариера заедно, но и посебно, дали е тоа предност или понекогаш не е?

Во секој случај е предност, но мора да има услови за сето тоа на крајот да испадне една успешна приказна. Морате да бидете зрели, да се радувате на туѓиот успех. Ние практично имавме две кариери,  кои што често пати не се сретнуваа и немаа многу допирни точки во овие 25 години. Но, тогаш кога се случувале тие моменти е нешто што не се опишува, тоа не може да се раскаже, кога сте заедно, дел од една музичка креација, тоа ниту еден режисер, ниту еден диригент не може да го направи со сета своја маестралност – тие моменти кога ви се допираат погледите, кога истиот сензибилитет реагира на една иста фраза или на дадениот тон. Така што тоа се некои работи, кои што не сите уметници ги имаат доживеано и тоа е дел од нашата заедничка кареира. Тоа е привилегија. 

Дваесет и пет години на сцената, дебитиравте како Лучија ди Ламермур, голем број настапи, награди, признанија, кога ќе погледнете наназад, што сметате дека е вашето најголемо достигнување во овие две и пол децении?

Не би издвоила тука ниту една претстава или сцена, не би издвоила ниту награда, тоа што би го кажала е дека навистина да се профилираш со еден свој сензибилитет, би рекла, кој што е препознатлив, тоа е можеби најголемото достигнување. Заради тоа што, да, интерпетацијата е тука, музиката е тука, но доколку не успеете да ја доловите или да ја предадате приказната на публиката, останува тој еден ѕид, кој што јас морам да кажам, горда сум на тоа што успевав да го пробијам. Контактот со публиката, низ тој еден специфичен израз, би кажала таа една германска школа на водење на музичкиот театар, каде што музиката не е во преден план, туку оди паралелно со сценското дејствие, односно со глумата, каде би рекла тоа е патот каде што јас се профилирав и на кој што сум горда.

Како го пронаоѓате внатрешниот карактер на една улога? На пример, кога ја изведувате Кралицата на ноќта или Лучија ди Ламермур, кој е тој момент што Ве поврзува со ликот?

Ние имаме еден процес на работа, на изработка на ликот, сето тоа почнува уште кога ќе ги погледнете нотите, тоа е некоја индивидуална работа,  која што вие самите ја работите, но моментот кога ќе се сретнете со режисерскиот тим и процесот кој што трае минимум шест недели вие секој ден сте се поблиску и поблиску до ликот. Наоѓате, јас барем така пристапувам, наоѓам заеднички точки или се обидувам да го разберам и навистина искрено влегувам во суштината на операта. Заради тоа што центарот на операта, по мене не е музиката, туку човекот, човекот со сите негови емоции, со сите болки, радости, таги и фрустрации на крајот на краиштата, а се дел од една приказна, која што има и минато и иднина. Тука е предизвикот што поавтентично да влезете во карактерот на улогата, а сето тоа може да се пренесе, како во тоа време, за кое традиционално е напишана операта, така е во денешно време или во кое било.

Како го одржувате гласот во топ форма, особено во периоди со чести настапи?

Тоа бара навистина многу дисциплина. Вежбањето е дел од нашиот живот, не поминува ден, а да не сте било физички или ментално поврзани со некој проблем, кој што треба да го решите. Зборувам условно во смисол на градење на улогата или на даденото музичко дело. Но, би кажала дека тоа е составен дел и нешто што не го сметам за работа или за некоја посебна активност. Тоа што би требало да се нагласи е можеби начинот на кој што го живеете животот. Е сега тука, навистина умереноста е на прво место, бидејќи нашето тело е инструментот, кој што го владееме, треба, сепак, да му ги овозможиме идеалните услови. За жал, често мораме да одбиеме дружби или средби со драги луѓе во одредени локали, каде што условите не се оптимални, но тоа не ме спречува да го живеам животот, како сите нормални луѓе. 

Вашиот пат од Скопје до европските оперски сцени е навистина импресивен. Кои беа клучните моменти или личности што Ви помогнаа да направите пробив на меѓународната сцена?

Тука неминовно е да почнам од моето семејство, од моите родители, кои што ми ја дадоа поддршката, во мојата желба да се посветам на една ваква професија, потоа тука се редат луѓето од кои што навистина се имам научено, како мојата прва професорка, Билјана Јовановска Јакимовска тука во Скопје. Потоа во Виена, Оливера Милјаковиќ, па се до пресвртницата или човекот кој што ме откри, тоа е Иоан Холендер, кој што тогаш беше директор на Виенската државна опера. Така што мојот пат се трасираше, би кажала, јас давав се од себе, но без помошта на тие, јас ги нарекувам ангели, кои што во дадени моменти ми се појавуваа во текот на овој 25 годишен пат, немаше да стигнам дотука, каде што сум сега. 

Светот се менува, исто така и преференците на младите, нивната перцепција и фокус се поинакви од претходно, колку операта е интересна за новите генерации. Дали чувствувате дека операта како жанр треба да се „освежи“?

Јас верувам дека операта е интересна за младите. Проблемот е во тоа дека светот навистина се менува со енормна брзина и уметноста не секогаш успева да го држи чекорот со тие промени. Тука би кажала дека тој неофрагментиран начин на набљудување на младите бара да се смени начинот на кој што ние ќе ја презентираме операта. Вниманието е значително покусо, сега тука можеби ние мораме да најдеме нова допирна точка или нов начин како ќе го презентираме, поради тоа што верувам дека низ тие нови експериментални начини ќе успееме да ги заинтересираме и да допреме до нив. Поради тоа што на крајот на краиштата, како што ви кажав во центарот на операта е сепак човекот. И ако настапиме автенично и искрено верувам дека ќе успееме таа нова публика да ја регрутираме и на крајот на краиштата да најдеме нов начин, нов јазик, на кои што ќе ја презентираме операта. Од моето искуство во западниот свет тоа веќе се случува, се каска кон сите овие промени, но се оди. Можеби би требало со поголем интензитет во тие традиционални средини да се обидеме да испровоцираме и да видиме што ќе се случи. 

Кои беа најтешките моменти во кариерата и што Ве држеше фокусирана и посветена кога било најтешко?

Тука би кажала дека ми беше малку потешко, кога го оформувавме семејството, кога имате три мали деца и непроспани ноќи, а треба да пеете претстава вечерта – тогаш не е баш лесно, но од друга страна ќе видите за што всушност се човекот е спремен и што се може да направи. Во тој еден тежок период, ако може така да го наречам, сум ги направила и најголемите чекори и најголемите, би кажала, отскокнувања во мојата кариера. Од друга страна, имаше и моменти кога тој уметнички и музички израз се обидуваше преку притисок да се сузбие. Јас тука останав достојна на моето, се изборив, зборувам сега и во име на моето семејство и понатаму да останаме на овој пат и всушност преку тоа нашата интерпретација и нашата музика да станат побогати. 

Кои се следните чекори по овој јубилеј? Размислувате ли за нови улоги, проекти или можеби повторно враќање на некоја од Вашите омилени улоги?

Тоа е еден процес, кој што не е врзан со јубилејот, тоа што го подготвувам следно е моето гостување во Хамбург, во државната опера, таму ќе се изведува еден неизведуван оперски наслов од Моцарт и тука се чувствувам на своја територија и ваквите проекти секогаш ме интригираат уште повеќе. Тоа што е на репертоарот што редовно го пејам е последната премира што ја имавме во Македонска опера и балет на Мајски оперски вечери и исто дел од прославата на 25 годишниот јубилеј Риголето во улогата на Гилда, тоа е нешто што го изведувам тука во Македонска опера и балет. Нови улоги, освен таа во Хамбург, ја подготвувам и „Џани Скики“, Лаурета, секако Дона Ана во „Дон Џовани“ и „Алчина“ се претставите кои што ме чекаат. Нема да биде здодевно, јас секогаш со истиот жар и истата љубов, пристапувам кон секој настап и кон секој наслов и кога ќе ме прашаат, која ти е омилена улога, навистина не можам да издвојам затоа што секоја ја сметам за дел од себе. Посебно сум љубоморна би рекла на улогите, односно продукциите, каде што сум била дел од премиерниот тим, така го чувствувам ексклузивитетот на улогата која што сум ја работела, без право, секако, но тоа ете е мое интимно гледање.

Ако би можеле да ја опишете Вашата кариера со една емоција или сцена од опера, која би била таа?

Добро, вие мене ме прашавте во однос на нашиот заеднички јубилеј со Игор, би рекла тоа е една стабилност во апсолутно нестабилна професија. Нашата професија е навистина неизвесна. Има една сцена во „Пелеас и Мелисанда“ од Дебиси, каде Аркел стои на брегот и гледа кон морето, морето е темно, длабоко, мирно и се наѕираат мали светленца, но во исто време со една сталоженост и со еден мирен поглед кон таа перспектива, кон животот во таа некоја неизвесност, но навистина со смиреност. 

Ако би можеле да и се обратите на онаа млада Ана која штотуку ја почнува кариерата, од оваа перспектива што би ѝ порачале?

Не знам колку сум попаметна сега од младата Ана, но во секој случај знам што тогаш ми претставувало тежина во смисла дека сум се грижела или сум се навраќала на некои работи, кои што во моментот не сум успеала да ги направам како што сум замислила, но подоцна во текот на животот го добив одговорот зашто не се случиле тие работи. Така што би и рекла да и верува на интуицијата и да не се грижи, се ќе биде како што треба да биде.

Поврзани вести