
ABLA’S HANDS е изложба составена од фотографии, предмети и инсталации, која ја истражува внатрешната сила на жената и нејзината невидлива борба со емоционалните и социјалните предизвици. Изложбата говори за отпорноста, сочувството и спротивставувањето на манипулациите, стереотипите и психолошките притисоци.
ABLA’S HANDS
Самостојна изложба на Бурџу Мусли
1 декември (понеделник) | 20:00 часот
Изложбата може да се посети до 5 декември, секој работен ден од 10.00 до 15.00 часот
Gaslighting, ghosting, love bombing.
Лажни врски и улоги создадени од очекувањата на Другите. Деца родени во свет обликуван од вештачки системи. Иако во современиот контекст темата на физичкото насилство е сè поактуелна тема на разговор, психолошкото насилство врз жените останува тивко присутно насекаде, но често премолчено, завиено и незабележливо дури и за неговите жртви. Покрај тоа, патријархалниот свет постојано продуцира бројни илузорни слики за жената, сексуални стереотипи кои се далеку од вистинската реалност и ја редуцираат нејзината комплексност.
Оваа изложба ја прикажува жената која се спротивставува на тие лажни наративи и ја слави својата внатрешна моќ.
Бурџу Мусли (1997, Скопје) е визуелна уметничка која дипломирала сликарство на Факултетот за Ликовни Уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје.
Нејзиното творештво опфаќа различни медиуми, вклучувајќи дигитална фотографија, колаж, видео, инсталација и дизајн на облека. Во своите дела, таа истражува теми поврзани со женскиот идентитет, сексуалноста и положбата на жената во опшеството.
Нејзиниот уметнички израз вклучува и елементи на танц, сценографија и моден дизајн, создавајќи повеќеслојни и емотивно богати и храбри композиции. Бурџу Мусли има реализирано повеќе самостојни изложби и била еден од финалистите на награда DENES во 2023 година.

Македонски






