
Седумдесет и пет години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата книга на еден од најзначајните современи македонски поети, Раде Силјан, се чествуваат и во Србија. По повод значајните јубилеи, издавачката куќа „Арка“ објави двојазична книга „Лажно време“, со избрани и нови песни од Силјан, во оригинал на македонски и во препев на српски јазик. Препевот е на академик Ристо Василевски, еден од најистакнатите посветеници во афирмацијата на македонската поетска реч во Србија, информираат од издавачката куќа „Матица“.
Пред српската читателска публика, изданието овозможува целосна слика за поетиката на Силјан и за нејзините есенцијални вредности, при што циклусите ги претставуват одделните разввојни фази на неговото поетско творештво и одделните тематско-мотивски кругови, вклучително и најновите творечки остварувања. Книгата содржи и обемен поговор од Паскал Гилевски, еден од најдобрите познавачи на поезијата на овој знаменит македонски поет, појаснуваат од „Матица“.
Според Гилевски, лириката на Силјан е од отворен тип, крајно објективна, читлива и запаметлива, прифатлива од широката читателска публика, што значи дека не е херметична, затворена, вкожурена, упатена и стокмена само за една елитна категорија читатели, само за строго упатените и верзираните во литературните процеси и лавиринти.
Затоа Раде Силјан спаѓа во редот на т.н. народни поети, какви што се во нашата современа поезија – Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, а во извесна поширока смисла и Матеја Матевски. Според тоа, за среќа на нашата литература, Раде Силјан никогаш не се подал на соблазнувачкото искушение да биде роб на некои изми и правци што ја оддалечуваат уметноста на зборот од многубројните читатели. Тој го направил вистинскиот избор и тргнал по вистинскиот пат и се најде во редот на најдобрите современи македонски поети, кои сметаат, како старите класици, дека литературата им е потребна на луѓето, истакнува Гилевски.
Како што се додава во соопштението, „изданието ја отсликува оваа доминантна творечка определба забележлива во поезијата на Силјан, вклучително и особеностите на неговиот поетски опит со кој, како што е забележано, македонската литература има еден нов вид патриотска поезија“.
Според тематското устројство, според типот на сликите, психологијата и атмосферата, како и според некои слични константни на неговиот пев, поезијата на Раде Силјан претставува еден целосно обмислен поетски и поетички реализиран проект. Назначен бегло и фрагментарно во неговата прва поетска книга, тој потоа ќе се надоградува во еден убедлив авторски, препознатлив и самосвесен идентитет на радесилјановското пеење. Тоа пеење, според нас, посебно ќе дојде до израз со својата зрелост, прочитливост во последните книги од овој поет, има напоменато Ефтим Клетников, се истакнува во соопштението, како што е одбележано и на корицата на ова издание со поезијата на Силјан, објавено во Србија.
Издавачката куќа „Арка“ објави избор од поезијата на Силјан и претходно, во 2015 година, под насловот „Огледало на вековите“.
Поезијата на Раде Силјан претставува повеќеслоен и сеопфатен поетски универзум, во кој сѐ со мера е проткаено и дозирано: мислите, емоциите, имагинацијата и лиризмот, истакнал тогаш српскиот книжевник Миќо Цвијетиќ.
Од „Матица“ потенцираат дека Силјан во нашата книжевност остварува голем влог не само како поет, туку и како критичар, есеист, книжевен истражувач, преведувач и антологичар.
Автор е на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија кај нас: наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Носител е на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на уметноста. Поезијата на Силјан во посебни книги е преведена на англиски, руски, грчки, турски, италијански, бугарски, српски, унгарски, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, албански и бошњачки јазик. Добитник е на високи меѓународни признанија за поезија. По повод 75 години од неговото раѓање и 50 години од објавувањето на неговата прва поетска книга – „Третиот лик на времето“, неодамна, одделни изданија објави и Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје – избор од неговата поезија и книга со избор од книжевната критика за неговото поетско творештво, се додава во соопштението.