
Претставата „12“ работена по мотиви на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов, во продукција на Македонскиот народен театар (МНТ) ги доби наградите за за уметничко остварување на преставата во целина, специјалната награда за колективна актерска игра и наградата „Димче Трајковски“ за машка епизодна улога за Оливер Митковски на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Така одличи жирито во состав: Лилија Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија (претседателка), Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште и Иван Меденица, театролог и професор од Белград.
Со „12“ беше отворено 59. издание Фестивалот.
Ќендрим Ријани ја доби наградата за режија со мнозинство гласови за на претставата „Слепци“ во изведба на Турски театар – Скопје.
Награда за главна машка улога едногалсно се доделува на Мартин Мирчевски за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ во изведба на Народен театар Битола, а наградата за главна женска улога едногласно се доделува на Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата „Сите прекрасни нешта“ во изведба „Ацо Шопов“ – Штип, соопштија од Фестивалот.
Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на Драмски театар – Скопје ја доби наградата за современ драмски текст. Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ доби Атанас Атанасовски за улогата на Оскар Медисон во претставата „Пар-распар“ во изведба на Театар Комедија. Слаѓана Вујошевиќ за улогата во претставата „Слепци“ во изведба на Турски Театар ја доби наградата за најдобра млада актерка. Наградата за женска епизодна улога ја доби Маја Љутков за улогата на Гвендолин Пиџн во претставата „Пар распар“.
Награда за рекламен материјал доби Медина Хоџа од претставата „Слепци“, награда за кореографија и сценски движења доби Васил Зафирчев во претставата „Рацин“ во изведба на „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. Награда за музика „Филип Стевановски“ едногласно се доделува на Сашко Костов за музиката во „Рацин“, награда за костимографија доби Самка Фери за костимите во „Ричард III , награда за сценографија – Валентин Светозарев за „Рацин“ и награда за современа сценска драматизација и адаптација едногласно се доделува на Јелена Цветановска за „Црно семе“ во изведба на Народен Театар – Битола.