
Управител од Кавадарци и струмичка фирма осомничени за затајување на над 2,2 милиони денари данок.
Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против правно лице од Струмица и неговиот управител, 37-годишниот Д.Ј. од Кавадарци, поради основано сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ согласно член 279 од Кривичниот законик.
Според пријавата, во периодот од 1 декември 2023 до 31 декември 2023 година, пријавените биле должни како даночни обврзници да извршат уплата на данок од личен доход од добивка од игри на среќа во износ од 626.457 денари, но тоа не го сториле. Исто така, од 1 јануари до 30 април 2024 година, не го уплатиле данокот на лични доходи по други основи во вредност од 351.845 денари.
Дополнително, во периодот од 1 јануари до 30 април годинава, фирмата остварила приход од приредување игри на среќа во автомат клуб во износ од 6.270.304 денари, од кој биле должни да уплатат 20% посебна давачка во вредност од 1.254.061 денари, но не го направиле тоа.
Со овие незаконски дејствија, осомничените го оштетилe државниот буџет за вкупно 2.232.363 денари.
Истражните органи продолжуваат со собирање на докази, а Основното јавно обвинителство Струмица ќе одлучува за понатамошниот тек на случајот.