
Со новите измени на Законот за безбедност во сообраќајот, Законот за прекршоци и Кривичниот законик, на најнеодговорните учесници во сообраќајот – како што се лицата кои возат без возачка дозвола, под дејство на алкохол или дроги, и оние кои возат со екстремна брзина – трајно ќе им биде одземано возилото.
Ова е првпат ваква мерка да се воведе во Македонија.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој ја сподели информацијата, истакна дека нема да има зголемување на глобите, но новите санкции ќе бидат далеку поригорозни. Освен конфискација на возилото, со измените на Кривичниот законик, секое безобѕирно управување со возило ќе резултира и со задолжителна затворска или условна казна, покрај паричната.
„На човек без возачка дозвола, под дејство на дроги и алкохол, не смее да му се дозволи да биде дел од сообраќајот“, рече Тошковски.
Додаде дека на таквите возачи ќе им ги одземаат возилата што потоа ќе бидат донирани на институции, а тие потоа ќе ги стават во функција на сите граѓани.