Skip to main content

Со сослушување сведоци продолжува судењето на Нино Васев

Со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд Скопје, продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.

Пред Судот беа сослушани двајца оштетени сведоци, законски застапници на починати пациенти, кои зборуваа за лекувањето и конкретната терапија на Клиниката за онкологија.

Прва беше сослушана мајка на почината пациентка, која се лекувала кај Нино Васев и Мери Пешевска во 2017 година, а починала во 2021 година. Таа бараше да не биде сослушана пред првообвинетиот, по што на барање на Обвинителството Нино Васев беше отстранет од судница.

Нејзината ќерка, како што рече сведокот, била лекувана за паразити, а имала метастази на мозокот, пиела антибиотици и примала терапија ампули Фазлодекс по 500 мл.

Имавме конфликти и расправии со Нино Васев, за што малку фалеше да дојде до полиција. Еднаш доаѓа неговиот медицински брат и носи кутија со ампули. Требаше две по 250 мл, но фалеше една ампула и јас почнав да викам, се собраа персонал и пациенти и дојде и Нино Васев. Му изнакажав сешто. Од секоја кутија ваделе по една ампула. Од таа кутија уништил уште еден живот. На сите им давале по една. Сите му веруваа, тој беше слаткоречив. По саат и половина ја прими другата ампула. Ова е само еден случај, изјави сведокот.

Друга ситуација, кога нејзината ќерка требала да прима терапија, за која ден претходно телефонски и рекле да дојде, кога дошле, и рекле дека нема ампули.

Тој тогаш извади една ампула од неговиот ранец. Јас му реков не ја примам, таа којзнае колку е стоена таму, а знаете дека треба да се чува во ладен транспорт. Ми вика, што сакаш повеќе ти, оди жали се кај министерот. Му реков не станувам од овде додека не ми извадите ампула од фрижидерот. Така паднаа некои неубави зборови и од негова и моја страна. И виде, не виде, стана и ми извади ампула од фрижидерот и ја ставив во ладниот транспорт, изјави сведокот.

Во април 2021 ќерка и се пожалила дека и лошо, по што правеле магнетна резонанца. Сите ја убедувале дека се паразити. Резултатите ги дале на повеќе доктори, само еден доктор рече дека се метастази, по што ги пратиле во Турција, каде и рекле дека мора итно да замине на лекување .

Во мај 2021 година била на лекување во Турција, каде и правеле пет зрачења, по што од седум, биле повлечени шест метастази на мозокот. Кога се вратиле нејзината состојба нагло се влошила.

После неколку дена отидовме кај Нино Васев. Тој ништо не и даде од сета терапија што требаше да ја прима. Зомета требаше да прима пет години, она примаше само една. Примаше само некои апчиња, витаминска терапија. 27 јуни веќе бевме во болница, состојбата многу и се влоши. И направивме крвна анализа на приватно, ми рекоа дека и откажува јетрата, од многу терапија. Јас тоа го кажувам на докторот, по мое барање да дојде да ја види. Ми вика немојте да се секирате, тоа е реакција. И си замина. Нејзината состојба се влоши и на 7 јули си замина. Васев и Мери не дојдоа да ја видат. Таа треба до него да седи, а не таа условно да биде казнета, изјави сведокот.

Сведокот рече дека се приклучува на кривичниот прогон, а за барање за оштета навремено ќе го извести Судот.

Нино Васев, откако му беше прочитан исказот на сведокот, пред Судот рече дека не би сакал да се брани за напад на мајка на пациентка, посочувајќи дека 35 години лекува, и знае дека е тешко и затоа и имам основано психолошка поддршка.

Пациентката, како што рече Васев, дошла на лекување на Клиниката со метастатско лекување, каде успешноста е 10 до 15 проценти.

Имаме вештачење за пациентот како е лекувана. Со мој потпис на три месеци пред крај на трошок на фондот е пратена на лекување во Турција, зошто тука нема услови за таква терапија. За паразити, јас првпат слушам. Мене ми е жал. Сме се обиделе се дадеме што имаме во моментот и да немало, за млада пациентка за ден два кога ќе дојде ќе дадеме, изјави Васев.

Одбраната на Васев, реагираше дека Судот треба да спречи во иднина вакви сведоци, каде јасно се гледа дека се скарани и имаат нарушени односи.

Вториот сведок, син на пациентка која се лекувала на Клиниката, рече дека на почетокот кога почнала да ја прима терапијата кога и била констатира болеста 2010 година имала многу подобрување, но од 2017 година здравјето почнало да и опаѓа и не се чувствувала добро.

Нешто да се жали на лекарите, јас не сум знаел. Нешто посебни да се жали мајка ми од Онкологија не, изјави сведокот.

Сведокот рече дека не бара отштета и не се приклучува на кривичен прогон.

Судењето го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска.

Судскиот процес се наоѓа во доказна постапка и продолжува на 22 јануари со сослушување на сведоци.

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, заедно со уште двајца онколози Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката започна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина пред Судот, по што Судот ја осуди на две години условна казна затвор.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.

Поврзани вести