![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/soobrakjajna-policija-pijani-vozachi-alkotest-dreger-2-1024x683.jpg)
Полицијата во текот на вчерашниот ден во рамки на сообраќајните контроли издала 1039 платни налози, а биле евидентирани и 76 случаи на управување на возило без возачка дозвола. Во осум случаи возачи минале на црвено светло, додека во четири случаи од сообраќај се исклучени алкохолизирани возачи.
Ккао што соопштија денеска од МВР, согласно Законот за возила евидентирани се и 20 возила што биле нерегистирани.
Министерството за внатрешни работи е вклучено во едукативниот проект на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, што согласно веќе подготвената динамика ќе се реализира до крајот на учебната година за учениците од прво до четврто одделение во низа основни училишта на територијата на државата.
Од МВР соопштија дека почнувајќи од завчера во наредниве месеци полициските службеници во соработка со РСБСП треба да посетат преку педесетина основни училишта во државава пришто преку практични предавања децата ќе ги учат основните сообраќајни правила и прописи, а дополнително во контекст на кампањата веќе се подготвени и испечатени околу 7.000 сообраќајни буквари и боенки за децата.
Всушност потребата за рана едукација ја поткрепуваат и полициските статистички податоци. Имено, вчера (12.02) во полициските сообраќајни контроли низ патиштата во земјава беа евидентирани дури 186 сообраќајни прекршоци од страна на пешаци, што во извесна мера секако говори за нивото на сообраќајна култура и одговорност. Секако, и натаму предничнат прекршочните пријави по основ на непочитување на брзина на движење – 224, и непрописно паркирање – 285, додека пак по основ на неносење сигурносен појас регистирани биле – 43 прекршоци, а за говорење на мобилен телфон при движење (возење) – 40 прекршоци, се вели во соопштението од МВР.