Skip to main content

Симон Трпчески ја крена Филхармонија на нозе: Македонскиот музички амбасадор покажа дека свирењето пред својата публика секогаш носи специфична и неповторлива емоција

Македонскиот пијанист со светска кариера, Симон Трпчески, приреди незаборавно музичко доживување за домашната публика во Скопје со својот најнов проект насловен „Камерен музички десерт“.

Концертот кој се одржа во преполната сала на Македонската филхармонија, почна со „Есенска песна“ (Autumn Song), една од најпознатите и најемотивните дела на големиот руски композитор Петар Илич Чајковски. Таа е дел од неговиот славен пијано циклус „Годишни времиња“ (Op. 37a), каде што секој месец од годината има своја музичка приказна, а оваа композиција го претставува месецот октомври.

Трпчески на сцената донесе магија на камерниот звук и ремек-дела. Наместо масивни сценски ефекти и класичен спектакл, овој пат во преден план беа чистата музика, суптилноста на камерното изразување и препознатливиот емотивен израз на македонскиот маестро. Програмата беше внимателно селектирана за да понуди спој на различни епохи и стилски правци. Публиката во Скопје имаше ретка можност во живо да проследи изведби на дела од: Григ, Шопен, кои ја донесоа на сцената препознатливата романтична чувствителност., потоа Гијом Конесон и Панде Шахов кои внесоа модерни музички бои, контрасти и современа динамика, до Шостакович, чиј карактерен стил совршено ја заокружи оваа комплексна програма.

Она што го направи овој настан исклучителен беше силната интимна атмосфера. Трпчески уште еднаш ја потврди својата ретка способност да воспостави непосредна комуникација со присутните, трансформирајќи ја големата сала во Филхармонијата во простор каде секоја нота се доживуваше со посебен интензитет.

По долгогодишни настапи на најпрестижните светски концертни подиуми, македонскиот музички амбасадор покажа дека свирењето пред својата публика секогаш носи специфична и неповторлива емоција. Концертот заврши со стоечки оваци, со што скопската публика го награди „музичкиот десерт“ што маестро Трпчески со уметничка беспрекорност го подготви за овие две ноемвриски вечери.

Поврзани вести