Skip to main content

На судење за „Пулс“: Обезбедувањето имало обврска да реагира за малолетници и ризици

Фото: МИА

Законските процедури за добивање лиценца, условите за ангажирање приватно обезбедување и овластувањата на работниците при контрола на влез и присуство на малолетници беа во фокусот на денешното рочиште за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Во својство на сведок – технички советник, сведочеше Верица Милевска-Стефановска, претседател на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување.

Одговарајќи на прашања на Обвинителството, таа појасни дека Министерството за внатрешни работи издава дозвола за вршење дејност во приватното обезбедување врз основа на строго утврдени законски критериуми. Физичкото обезбедување, според неа, опфаќа телесна заштита, мониторинг, патролно обезбедување, како и обезбедување јавни собири и спортски настани.

– За да можат да работат компаниите во секторот приватно обезбедување, МВР издава дозвола за вршење дејност за физичко или техничко обезбедување, или за сопствени потреби. По добивањето на дозволата, правното лице има рок од шест месеци да започне со работа. Откако ќе ги вработи лицата, мора во рок од 30 дена да поднесе барање за издавање легитимации за обезбедување. Лиценцата е услов за работа и значи дека лицето е соодветно обучено, но јавните овластувања ги врши со легитимација – истакна Милевска-Стефановска.

Таа додаде дека законскиот минимум за давање услуга физичко обезбедување е 15 работници со легитимации, за техничко обезбедување се потребни најмалку три, а за обезбедување за сопствени потреби – десет работници. Дејноста, нагласи, е од јавен интерес.

Во однос на договорите, сведокот посочи дека секое правно лице што дава услуга мора да склучи писмен договор со корисникот, бидејќи во спротивно договорот се смета за ништовен.

Милевска-Стефановска појасни и дека кога се ангажирани пет или повеќе работници, компанијата е должна да изработи план за обезбедување и да го достави до надлежната полициска станица. Во Законот, сепак, не е прецизно утврден бројот на работници што треба да се ангажираат за конкретен настан, туку тоа зависи од договорот и од безбедносната процена.

Говорејќи за овластувањата при влез во објект, таа истакна дека обезбедувањето има право да изврши преглед и да реагира доколку се затекне општоопасно средство, но начинот на постапување зависи и од договорот со клиентот.

Во однос на присуството на малолетници во угостителски објекти по полноќ, Милевска-Стефановска нагласи дека обезбедувањето има обврска да реагира.

– Во вакви објекти на видно место треба да има поставени известувања дека не е дозволено присуство на малолетници. Обезбедувањето мора да реагира или најмалку да го извести сопственикот – рече таа.

На прашањето дали употребата на пиротехника претставува безбедносен ризик, сведокот одговори потврдно. Судот не дозволи дополнително прашање за тоа дали лицата што ја користат треба да имаат посебна едукација. Според досегашните информации, токму искрите од пиротехнички средства биле причина за брзото ширење на пожарот.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка, при што сведоци предлага тим од 15 јавни обвинители.

Поврзани вести