Skip to main content
rbLyjPycUo0

Коцевски потврди: Приведени десетина вработени во УЈП за примање поткуп поврзано со дискотеката „Пулс“

Десетина вработени во Управата за јавни приходи, приведени се денеска, а во моментот се вршат претреси на локации поврзани со овие лица, информира обвинителот Љупчо Коцевски.

Се водеше предистражна постапка за лица коишто беа вработени во УЈП, а се водеше истрага за лица коишто беа поврзани со кочанскиот предмет – рече Коцевски во изјава за новинарите.

Според него, вчера и денеска биле преземани дејствија по налог на јавен обвинител.

Денеска се приведени околу десетина лица и се вршат претреси на одредени локации. Се работи за лица вработени во Управата за јавни приходи, за злоупотреба на службена положба и примање мито – рече Коцевски, без да прецизира на кои позиции работеле тие во УЈП.

Прашан дали приведните имале комуникации со сопственикот на дискотеката „Пулс“, а дел од тие комуникации беа презентирани во јавноста, Коцевски рече дека дел од тие пораки се дадени во судот.

Овој предмет не може да се спојува со веќе почнатиот за случајот Кочани, затоа што овде не e поврзаноста со штетната последица смрт. Ова се дела за злоупотреба на службената должност, давање и примање поткуп, што нема врска со другиот кривичен настан – прецизира Коцевски.

Детали за ова Коцевски најави во текот на денот.

Поврзани вести