Skip to main content

Истрагата за „ботоксот“ донесе докази за нов случај – осомничени претседател на стоматолошко здружение и претседател на испитна комисија

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против две лица осомничени за корупција поврзана со полагање стручен испит за стоматолози.

Според обвинителството, првоосомничениот, доктор по стоматологија и претседател на Стоматолошкото друштво на Албанците, е осомничен за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, додека второосомничениот, претседател на Испитната комисија за полагање стручен испит за здравствени работници со високо образование од областа на стоматологијата, се товари за „примање поткуп“.

Истрагата е покрената врз основа на докази обезбедени при анализа на податоците извлечени од мобилни телефони одземени во рамки на друга истражна постапка, која ОЈО ГОКК ја води против организирана криминална група осомничена за нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала.

Според досегашните сознанија, во декември 2025 година осомничена во тој предмет му дала парична награда на првоосомничениот, со цел преку своето влијание и углед да посредува за таа да го положи стручниот испит.

Обвинителството наведува дека тој потоа интервенирал кај второосомничениот, кој бил претседател на испитната комисија, барајќи од него да ја искористи службената положба и да ѝ овозможи на кандидатката успешно да го положи испитот.

Откако испитот бил положен, првоосомничениот ѝ ги доставил податоците од својата трансакциска сметка, по што таа извршила уплата на договорената парична награда. Според обезбедените докази, дел од добиените пари првоосомничениот му ги предал на второосомничениот.

Во текот на денот двајцата осомничени ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје. Надлежниот јавен обвинител ќе побара определување мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на кривичната постапка.

Поврзани вести