Skip to main content

Дванаесет години затвор за Васил Јованов, семејството револтирано ја напушти салата

Дванесет години затвор му се досудени денеска во Основниот кривичен суд Скопје на Васил Јованов за случајот со прегазувањето на Фросина Кулакова, отако призна вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката што се случи во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Него му е изречена и забрана за управување на моторно возило во пет години.

Oткако ја слушна пресудата, семејството Кулакови револтирано ја напушти судницата.

Судот е мафија!, рече таткото Тодор Кулаков пред да излезе од салата.

Судијката Снежана Марковска кажа кои се отежителните околности при донесувањето на оваа одлука.

Ја имавме предвид тежината на делото, отежнивачките и олеснителните околности. Ги ценевме поранешниот живот на сторителот, и другите околности на личноста на сторителот. Судот го ценеше интензитетот на дејствието и другите објективни околности – а се состои од многу прекршувања на бланкетни норми од Законот за заштита на патиштата, кои се фиксирани задолженија и забрани, кои возачот морал да ги почитува, а упатуваат на висок интензитет на инкриминрано дејствие. Настанатата смртна последица според законот не може да се цени за отежителна околност, но судот ја цени загубата на млада девојка, која ја чувствува семејството со висок интензитет, кое побара највисока казна. Судот како отежителна околност го ценеше и неговиот поранешен живот – обвинетиот е претходно правосилно осуден за кривично дело неовластено производство на психотропни дроги, на казна затвор од 3 години и 10 месеци. Се уште ја нема издржано и не се знае како би влијаела. Тој наместо да се одврати со било какви судири со законот, додека чекал правосилност на таа постапка, тој управувал возило без возачка, под дејство на алкохол, развил брзина на движење во населено место, па на запалено црвено светло, продолжи со движење и удрил пешак кој се движел прописно на зелено светло и кој со ниту едно дејствие не придонел за сообраќајната несреќа. Против обвинетиот Јованов има неколку прекршочни предмети – забрана за управување на возило под дејство на алкохол, непочитување на безбедноста во сообраќајот, возење на црвено светло. Односот на лицето е игнорантски, дрзок…“, рече меѓудругото судијката Марковска.

Судот ги ценеше и олеснителните околности, рече судијката.

Ги ценеше доказите од одбраната – благодарниците, дипломите. Тој е спортист кој добивал признанија. Тоа се за личните прилики, за неговите склоности. Судот ја ценеше и возраста на обвинетиот, делото го сторил на 20 години, тој спаѓа во категорија помлади малолетници. Кај обвинетиот постои чувството на вина, истиот е свесен за последиците по губитокот на животот на жртвата. И кај него и кај потесното семејство. Презема одговорност за делото кое го сторил, изразил сочувство, се извини за тоа што го сторил. А откако ги согледал последиците од сосптвените дејствија – прикажува жал и себе прекорување, што се гледа и од видео записот од лице место. Овие околности кои го изразуваат неговиот однос, неговото признание на вина, судот исто така ги ценеше како олеснителни околности, посочи Марковска.

Според обвинението, на 29 јануари годинава, Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место. За делото за кое се товари Јованов е предвидена затворска казна до 20 години. 

Поврзани вести