Skip to main content

Цела ноќ гореше фабрика во Велес: Изгореа магацин и канцеларии со документи

freepik

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.

Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин кадешто имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.

Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.

Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед на тоа дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.

Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.

Поврзани вести