
Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – октомври 2025 година, изнесува 6 706.2 милиони евра и бележи раст од 2.2 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, пак, е 9 563.4 милиони евра, што е за 4.1 % повеќе во споредба лани, соопшти Државниот завод за статистика.
Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за пренос на лица.
Во периодот јануари – октомври 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 47.6 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 59.4 % во вкупната размена.

Македонски







