Skip to main content

Во јули раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси

Управата за јавни приходи соопшти дека во јули е остварен значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со истиот период лани.

Вкупната наплата од даноци (данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега. По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9 проценти во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година, велат од УЈП.

Додаваат дека растот на приходите не е случаен и дека е резултат на зголемена економска активност, посветена работа, партнерство и доверба со даночните обврзници.

Во изминатиот период, а во согласност со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима, велат од УЈП.

Поврзани вести