
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски смета дека има сериозно поместување во позитивна насока во делот на земјоделството.
Во интервју за вестите на телевизија Канал 5, Трипуновски вели дека има раст кај откупот и продажбата на земјоделски производи, а раст е забележан и во делот на извозот.
Во делот на откупот и продажбата на земјоделските производи, ако се споредат првите квартали од 2024 и 2025 година, имаме сериозен раст во делот на житата – таму растот е 42 проценти. Во делот на градинарството, споредбено со 2024 и 2025 година, имаме раст од 50 проценти, додека пак во делот на овоштарството и лозарството бележиме раст од 12 проценти. Во сточарството имаме раст од 13 проценти, во делот на млекото растот е девет проценти, а во делот на живината и јајцата имаме раст од 63 проценти, посочува Трипуновски.
Додава дека податоците за извозот говорат оти во првиот квартал се бележи раст од пет проценти и ако продолжи ваквата тенденција на раст, тогаш годината може да се заврши со 40 до 50 милиони евра плус девизен прилив во однос на извозот на земјоделските производи.
Ако тоа се спореди со сумата, тогаш во првиот квартал од 2024 година извозот изнесувал 152 милиони евра, додека пак првиот квартал од 2025 година изнесува 163 милиони евра. Ако ваквата тенденција на раст продолжи, тогаш до крајот на годината може да се заврши со 40-50 милиони евра плус девизен прилив во однос на извозот на земјоделските производи, вели Трипуновски.
Според министерот, податоците покажуваат дека во изминатите 11 месеци се носат чекори и мерки кои вродуваат со плод.