
Пратениците вечерва во 23 часот ќе ја продолжат парламентарната дискусија за предлогот за назначување на Трајко Славески за управител на Народната банка на Република Македонија.
Во тековната дискусија преку низа на одговори и против-одговори, беа претставени разновидни перспективи, при што парламентарците од власта го нагласуваа неговото знаење и компетентност, додека опозицијата ја истакнуваше политичката поврзаност на Славески и визијата за независноста на институцијата.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, го пофали Славески како “визионерски пионер на мерки кои што давале резултати”.
– Треба да бидат земени предвид и неговата економска и неговата општествена активност. Тој е визионерски пионер на мерки кои што давале резултати. Сакаме да разговараме од аспект на неговата стручност, сите други теми се неважни, рече Стојановски.
Според координаторот на пратеничката група на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, пратеникот Бобан Карапејовски, ако Славески е добар стручњак, а тоа го покажуваат неговите професионални компетенции, мислам дека, нагласи, од тоа како приватно се чувствува или дали е припадник на политичка партија не треба да биде клучно.
Елми Азири, пратеник од Алијанса за Албанците изрази сомнеж во неговата соодветност за функцијата, велејќи дека “фактот што професор Славески над 25 години има политички функции нѐ става во дилема за зачувување на централната власт”.
Во дебатата се приклучи и пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ, кој потенцираше дека критериумите не произлегуваат од компетентноста, туку може да се поврзани со одредени политички фактори.
– Во контекст на носење одлука за гувернер треба да се разгледаат сите аспекти за да се осигура дека Народната банка ќе продолжи да функционира како независна институција, посочи тој.
Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците смета дека именувањето на лице како Славески кое никогаш не ја крие политичката припадност е закана за автономијата на институцијата”.
Пратеничката Сања Лукаревска изјави дека СДСМ нема да гласа за гувернер со ваков профил.
Според биографијата презентирана во предлогот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, проф. д-р Трајко Славески е роден во Охрид во 1960 година. Тој е редовен професор на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Студирал на истиот универзитет, а бил на постдипломски студии во САД (Калифорниски државен универзитет 1986/87 год. и на Универзитетот Харвард 1989/90 год.) Во 1997 година престојувал шест месеци на Државниот универзитет Аризона во Темпи, Аризона, САД, како визитинг професор.
Славески е ко-автор на првата Антиинфлаторна програма, важен документ при монетарното осамостојување на Република Македонија во април 1992 година во борбата со тогаш присутната хиперинфлација и воведувањето на националната валута – денарот.
Во минатото проф. Славески ги извршуваше функциите министер за развој (1999-2000) и министер за финансии (2006-2009) во Владата на Македонија. За време на извршувањето на функцијата министер за финансии во Влада на Република Македонија ја вршеше функцијата гувернер во Светска Банка и гувернер во Европска банка за обнова и развој.
Како член на Влада на Република Македонија има иницирано и водено бројни реформи во економскиот и финансискиот систем на државата, како, на пример, воведување на рамниот данок (2007 г.), осовременување на системот за вршење на плаќања, интегрирана наплата на придонесите за социјално осигурување (системот бруто плата, 2009 г.) и др.
Извор: МИА