
Иницијативата на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги почна да ги дава првите резултати. На почетокот на овој месец, трите големи банки и една средна банка соопштија дека ги намалуваат надоместоците за граѓаните и компаниите, соопшти гувернерот Трајко Славески.
Како што рече денеска на прес-конференција, ова се очекува и од другите средни и од помалите банки.
Според Славески, намалувањата се особено значајни за извршување на плаќањата на клиентите преку интерните системи на банките, како и преку платните системи каде плаќањата се извршуваат меѓу банките во реално време во текот на денот.
-Банките се повеќе почнуваат да ги нудат бесплатно плаќањата што се иницирани преку електронското и мобилното банкарство и се извршуваат во нивните интерни системи. Забележуваме надолна корекција на висината на надоместоците кај една од банките и кај повлекувањето готовина на шалтерите на банката, како и кај останатите услуги поврзани со плаќања во готовина, преписи на документација и издавање потврди, истакна гувернерот.
Тој најави дека Народната банка ќе покрене иницијатива за измени на законското решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки.