
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претставници на бизнис-секторот во Битола и пелагонискиот регион.
На средбата присутните дискутираа за економските прилики во државата, а заменик-министерот Ристески презентираше дел од мерките кои Владата и министерството за економија и труд ги нудат за поддршка за домашното стопанство.
Како никогаш досега бизнис-секторот во Владата има партнер отворен за соработка и поддршка за растот и развојот на домашните компании. Започната е распределбата на средствата обезбедени од Унгарскиот кредит по поволни услови за компаниите во висина од 250 милиони евра, а голем број од домашните компании се главни носители и на инвестицискиот бум во општините преку реализација на капиталните проекти поддржани со дополнителни 250 милиони евра. Паралелно со поддршката за компаниите, имаме големи инвестиции во инфраструктурата преку изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп и изградбата на автопатот Прилеп-Битола, со што имаме сообраќајно поврзување на регионот и можност за поголем економски развој на регионот, кажа Ристески.
На средбата Ристески потенцираше дека граѓаните и компаниите од Битола покажале голем интерес за мерките од Оперативниот план за вработување за 2025 година, каде за мерката за самовработување се пристигнати 216 апликации, додека за мерката за поддршка за раст на компаниите пристигнати се 50 апликации за вкупно 57 вработувања.
Тој додаде дека овие средби со бизнис секторот се одлична можност да се слушнат нивните мислења за програмите и мерките на Владата и министерствата, да се дискутира за тоа дали треба истите да продолжат да се спроведуваат или треба да претрпат одредени измени, како и дали можеби треба да се имплементираат целосно нови.
Градоначалникот Коњановски изјави дека во Битола има сериозни инвестиции во локалната инфраструктура, а општината има добиено повеќе од 15 милиони евра во двата јавни повици за средства за капитални проекти од Унгарскиот кредит.
Мирко Велковски од регионалната Стопанска комора изјави дека пелагонискиот регион изминатиот период има голема поддршка и компаниите остваруваат зголемен раст кој на годишно ниво е помегу 4 до 5 проценти. Тој додаде дека постои голем интерес кај стопанствениците за инвестиции за развој, пред се во областа на зелени инвестиции и транзиција, како и туризмот .