Skip to main content

Перински: Граѓаните веќе чувствуваат конкретни придобивки – подобра инфраструктура, училишта и образовни институции, културни и спортски објекти

Општините покажаа сериозен и одговорен пристап во дефинирањето на приоритетите, вели министерот за Локална самоуправа, Златко Перински, во краток разговор за Република. 40 отсто од проектите од првиот владин повик за финансиска поддршка се завршени, додека останатите се во завршна фаза. Посебно задоволство му е што многу од завршените проекти се наоѓаат во помали и рурални општини, каде што инфраструктурните вложувања имаат директно и значајно влијание врз квалитетот на животот на граѓаните.

До каде е реализацијата на проектите од првиот владин повик за финансиска поддршка на инфраструктурни капитални проекти?

ПЕРИНСКИ: Можам да изразам задоволство затоа што сите одобрени проекти од првиот јавен повик се во напредна фаза на реализација. Тоа значи дека во исто време имаме реализација на 288 инфраструктурни проекти во 78 општини, сите одбрани од самите општини. Станува збор за проекти важни за граѓаните и за нивното живеење во локалната заедница. Тоа ни е и целта, да го подобриме квалитетот на живеење во општините и да го поттикнеме локалниот и регионалниот развој. На терен сé работи интензивно, со почитување на сите стандарди за квалитет, ефикасност и транспарентност. Веќе имаме и финализирани проекти и тоа над 40 проценти од проектите се завршени, а останатите се во финална фаза. Она што особено ме радува е фактот дека многу од завршените проекти се наоѓаат во помали и рурални општини, каде што инфраструктурните вложувања имаат директно и значајно влијание врз квалитетот на животот на граѓаните. Факт што говори дека овој процес е инклузивен, фер и насочен кон реални потреби.

Кога зборуваме за вториот јавен повик, како се движи дистрибуцијата на финансии? Кој проект е финансиски најмал, а кој најголем? Каква е реализацијата на финансиите по општини?

ПЕРИНСКИ: Финансиската распределба е резултат на објективна анализа и техничка евалуација на секоја проектна апликација, по јасно дефинирани критериуми. Така, најмалиот проект по финансиски обем се реализира во општина Бутел и е во доменот на транспортна инфраструктура. Вредноста на проектот изнесува од 535.797 денари и се однесува на реконструкција на крак 1 и крак 2 од улицата “АЖФ“ во населба Радишани. Најголемиот, со износ над 254 милиони денари, е во општина Аеродром и со него е опфатена доградба на основното училиште „Блаже Конески“, фаза 2, во координација со Министерството за образование и наука.

Битола е општина со најмногу проекти и најмногу одобрени средства, со над 707 милиони денари за вкупно 65 проекти, што ја покажува нивната висока проактивност и подготвеност за аплицирање со квалитетни проекти. Од друга страна, дури и општините кои добиле по еден проект, како Богданци, Новаци, Берово, Росоман или Градско, добиваат поддршка согласно своите потреби, обемот и видот на аплицираните проекти.

Оваа дистрибуција јасно демонстрира дека како Влада, работиме согласно дефинираната стратегија и во интерес на граѓаните, рамноправно и фокусирани кон развој и секако, без политички предзнаци и со обврска и одговорност кон сите граѓани.

Дали се исполнети очекувањата и нормите со проектите кои се реализираат во рамки на првиот повик?

ПЕРИНСКИ: Апсолутно. Од суштинско значење е да изградиме капацитети на локално ниво кои ќе одговорат на очекувањата на граѓаните и ќе овозможат синергија на националните политики со локалните приоритети, притоа нé занемарувајќи ги стандардите, пропишаните норми и критериуми.

Затоа, целокупниот процес – од апликација до имплементација, вклучително и извештај за сработеното се реализира во координација со надлежните ресорни министерства и органи.

Резултатите покажуваат дека општините сериозно пристапија кон процесот, а соработката со централната власт е на високо ниво. Најважно, граѓаните веќе чувствуваат конкретни придобивки – подобра инфраструктура, училишта и образовни институции, културни и спортски објекти. Тоа, беше и é нашата цел.

Која е причината што од првиот до вториот повик има четири пати поголем број на проекти?

ПЕРИНСКИ: Со успешната реализација на првиот повик ја добивме довербата на општините – видоа дека оваа Влада сериозно стои зад секој соодветен, добар и одобрен проект и дека парите навистина се исплаќаат. Постои јасна политичка волја за унапредување на локалниот развој, особено во услови кога сите се соочуваме со предизвици од економски и социјален карактер. Општините ја препознаа оваа можност и ја искористија при вториот повик, евидентно, во скоро четири пати поголема мера.

Како Министерство за локална самоуправа, од анализите со кои располагате, како го проценувате импактот на проектите за граѓаните? Дали градоначалниците реално ги утврдиле потребите на граѓаните и аплицирале со соодветни проекти?

ПЕРИНСКИ: Според нашите анализи и теренски информации, проектите одговараат на реалните приоритети на граѓаните. Нашата проценка е дека одобрените проекти имаат директен социјален и економски импакт, како подобрен пристап до образование, безбедни патишта, комунална хигиена и урбано уредување.

Општините покажаа сериозен и одговорен пристап во дефинирањето на приоритетите. Како Министерство, ја препознаваме нивната проактивност која е клучна за успешен рамномерен регионален развој. Во овој контекст, ги охрабрувам сите единици на локалната самоуправа да продолжат со активно следење на потребите на граѓаните и уште поголем степен на аплицирање со проекти кои ќе придонесат за унапредување на квалитетот на животот и за развој и на општината и за порамномерен развој на државата.

Поврзани вести