Skip to main content

„Нестле“ ќе отпушти 16.000 вработени низ целиот свет во следните две години

„Нестле“ ќе намали 16.000 работни места низ целиот свет во следните две години, изјави вчера новиот извршен директор, објавувајќи дека приходите на компанијата во првиот квартал се намалиле за 1,9 проценти на 65,9 милијарди швајцарски франци (71 милијарда евра), објави Би-би-си.

-Светот се менува и „Нестле“ мора побрзо да се адаптира, а тоа вклучува донесување тешки, но неопходни одлуки за намалување на капацитетот – рече Филип Навратил, кој ги презеде кормилата на прехранбениот гигант на почетокот на септември.

Програмата за намалување на работната сила вклучува укинување на 12.000 работни места во различни оддели и делови од светот, што ќе овозможи „заштеда од 1 милијарда франци годишно до крајот на 2027 година“, што е двојно повеќе од планираното досега, се вели во соопштението на швајцарската групација.

Овие ќе бидат додадени на 4.000 работни места што ќе бидат укинати како дел од веќе започнатите иницијативи за зголемување на ефикасноста во производството и синџирот на снабдување, се додава во соопштението.

Компанијата се соочи со превирања во раководството во септември, со отпуштањето на претходниот извршен директор, Лоран Фрекс, и ненадејното заминување на претседателот, Пол Булке.

Финансиските аналитичари сега се надеваат дека Навратил ќе може да ја врати стабилноста на компанијата, чиј раст е потресен од инфлаторниот бран од 2022 година и скандалот со флаширана вода.