Skip to main content

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го одбележа Денот на жените инженерки

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Со силна порака за поддршка, инспирација и системски промени, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го одбележа Светскиот ден на жените инженерки – 23 јуни, со посебен настан што ги обедини жените од секторот: од студентки до експертки, од практикантки до професорки, од млади инженерки до докажани, влијателни жени во инженерството, се наведува во денешното соопштение на ова министерство.

Настанот се одржал во Министерството за енергетика. Присуствувале претставнички од организацијата Global engineering girls при групацијата „Лимак“, млади инженерки од Машинскиот факултет и ФЕИТ, практикантки кои практичната настава ја извршуваат во Министерството, како и искусни експертки од институциите МЕМО, МЕПСО, НОМАГАС и други тела поврзани со секторот.

Во инженерството, како и во животот, најважно е да не се плашиш од комплексни системи. Кога влегуваш во нив со знаење, храброст и истрајност – тие се менуваат, вие ги менувате. А токму тоа го прават жените во енергетиката, рударството, геологијата – секој ден, истакнала министерката Сања Божиновска.

Присутна била и специјалната претставничка на Обединетите Нации во државава, Рита Колумбија, која со своите поддршка и ангажираност, како што се нагласува, силно се залага за родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените во општеството. Во отворен разговор со присутните девојки, Колумбија го нагласила значењето на солидарноста, тимската работа и меѓусебното помагање и поттикнување како суштински елементи за постигнување брзи и одржливи општествени промени.

Мора да се поддржуваме, да сме тимски играчи и да се слушаме, бидејќи само така ќе можеме брзо да ги промениме работите, истакнала Колумбија.

Во неформалната панел-сесија, учесничките споделиле кратки лични приказни, поенти од кариерата и пораки до новите генерации.

Посебно внимание привлекоа изјавите на жени кои работејќи во „машки“ сектори, денес се носители на промени, истакнуваат од Министерството.

За своите искуства со инженерството и работата во оваа професија говореле и проф. д‑р Маре Србиновска и проф. д‑р Невенка Китева од ФЕИТ, Маја Аначкова и Симона Домазетовска Марковска од Машинскиот факултет, кои се и дел од надзорните одбори на МЕПСО и ЕСМ инженерката Емилија Сарафска, Елизабета Гиовска од МЕМО како и Виолета Спасова од НОМАГАС.

Нема технологија што не можеме да ја совладаме – ако имаме простор, поддршка и вистински шанса да покажеме што знаеме, истакнаа младите инженерки кои ја испратија и клучната порака од настанот – жените не бараат привилегии, туку еднаква шанса да учествуваат, придонесуваат и водат, се додава во соопштението.

Министерката Божиновска истакнала дека Министерството силно ги поддржува сите иницијативи и активности за поголема поддршка за што поголем број млади жени во енергетиката и рударството.

Наша должност како институција е, не само да ги поддржиме жените во STEM, туку и активно да ја градиме средината каде тие ќе напредуваат – не како исклучоци, туку како норма, нагласила Божиновска.

Од Министерството додаваат дека Светскиот ден на жените инженерки не е само симболично одбележување, туку потсетник дека системите не се менуваат сами од себе.

Тие се менуваат кога жените добиваат шанса да ги предводат тие промени, се нагласува во соопштението. 

Поврзани вести