Skip to main content

Мицкоски: Доцнењето на исплатата за МојДДВ не треба да се поврзува со состојбата на Буџетот

Премиерот Христијан Мицкоски денес одговори на новинарско прашање за состојбата на буџетот поради доцнење на исплатата на МојДДВ.

Доцнењето на исплатата за МојДДВ не треба да се поврзува со состојбата на Буџетот од причина што УЈП излезе со соопштение и кажа дека има технички проблем затоа што дел од граѓаните имаат сменето банка. Тоа се надминува и деновиве ќе влезе во нормална стационарна состојба, рече премиерот.

Управата за јавни приходи информира дека повратот на средства од мерката МојДДВ за скенирани сметки во третиот квартал од 2025 година продолжува, односно не е прекинат ниту откажан.

Во процесот на исплата кај дел од спецификациите се појави технички проблем кој бара целосна преработка на истите. Имено, доколку постои дури и само еден налог каде се појавува корисник со промена на банка или трансакциска сметка, целата пратка системски се враќа и средствата не се исплаќаат кон сите корисници кои се во ист налог како и корисникот кој извршил промена. Овој предизвик е веќе идентификуван и надлежните служби работат на негово надминување. Целта е да се обезбеди точна и правична исплата за сите граѓани, без исклучок, информираат од УЈП.

Исплатата за корисниците со валидни и потврдени податоци е во тек, а за останатите ќе биде реализирана веднаш по завршување на техничката преработка.

Апел до граѓаните: Доколку вршат промена на банка или трансакциска сметка, потребно е веднаш да направат ажурирање на податоците во системот. Со тоа ќе се избегнат вакви ситуации во иднина и ќе се овозможи навремена исплата на сите корисници, велат од Управата.

Граѓаните можат да бидат спокојни – средствата кои им следуваат од МојДДВ ќе бидат исплатени!

Поврзани вести