Skip to main content

Објавен проспектот за третата Граѓанска обврзница, каматата 4,5%

Министерството за финансии го објави Проспектот за издавање на нова Граѓанска обрзница. Проспектот е објавен на износ од 100 милиони денари, а граѓаните ќе може да доставуваат понуди за запишување обврзници до 10 декември 2025 година.

Износот на една граѓанска обврзница е 10.000 денари, односно тоа е минималниот износ којшто може да се запише од страна на граѓаните. Купонската каматна стапка изнесува 4,5%, а рочноста на обврзницата е 2 години.

Аукцијата ќе се одржи на 12 декември. Понудите се доставуваат во деловните банки во земјава.

Датумот на достасување на обврзниците е 19 декември 2027 година, а каматата за исплата достасува за првата година на 19 декември 2026 и за втората година на 19 декември 2027 година.

Ова е трета емисија на Граѓанска обврзница којашто ја издава Министерството за финансии. Двете емисии беа во вкупен износ од 41,1 милион евра и веќе се исплатени заедно со каматата за двете години. Во првата емисија беа запишани обврзници во износ од 23,5 милиони евра, додека во втората 17,6 милиони евра.