Skip to main content

Европа на две брзини: Каде е минималната плата, а каде Македонија?

Евростат денеска објави дека 22 од вкупно 27 земји-членки на Европска Унија имаат утврдена минимална плата заклучно со 1 јануари. Во 14 од нив минималната плата надминува 1.000 евра.

Според податоците, минималната плата е под 1.000 евра во осум земји. Најниска е во Бугарија со 620 евра, по што следуваат Латвија (780 евра), Романија (795 евра), Унгарија (838 евра), Естонија (886 евра), Словачка (915 евра), Чешка (924 евра) и Малта (994 евра).

Во осум земји минималната плата се движи меѓу 1.000 и 1.500 евра. Во оваа група се Грција (1.027 евра), Хрватска (1.050 евра), Португалија (1.073 евра), Кипар (1.088 евра), Полска (1.139 евра), Литванија (1.153 евра), Словенија (1.278 евра) и Шпанија (1.381 евра).

Највисоки минимални плати во Европската Унија се забележани во Луксембург со 2.704 евра, потоа во Ирска (2.391 евра), Германија (2.343 евра), Холандија (2.295 евра), Белгија (2.112 евра) и Франција (1.823 евра).

Кога минималната плата се споредува со куповната моќ, најдобро се рангирани Германија, Луксембург, Холандија, Белгија, Ирска, Франција, Полска и Шпанија.

Во втората група според овој критериум се Словенија, Литванија, Хрватска, Романија, Португалија, Грција, Кипар, Унгарија, Малта, Словачка, Бугарија и Чешка, додека Латвија и Естонија имаат најнеповолен сооднос меѓу минималната плата и куповната моќ, покажуваат податоците на Евростат.

Каде е Македонија?

Иако не е членка на Европската Унија, Македонија е често предмет на споредба со земјите од регионот и со најсиромашните членки на ЕУ. Минималната плата во Македонија изнесува значително помалку од најниската во Унијата и е под нивото на Бугарија, која моментално има најниска минимална плата меѓу земјите-членки.

Ова ја позиционира Македонија далеку под европскиот просек и ја става во групата земји со најниска заштита на доходот на работниците, дури и во споредба со новите и источните членки на ЕУ.

Куповна моќ: јазот е уште поголем

Евростат наведува дека при споредба на минималната плата со куповната моќ, најдобро рангирани се Германија, Луксембург, Холандија, Белгија, Ирска, Франција, Полска и Шпанија. Во оваа анализа, земјите со пониски номинални минимални плати дополнително заостануваат поради повисоките трошоци за живот. Минималната бруто плата, од месец март 2025 година изнесува: 36.037,00 денари, односно минималната нето плата, изнесува 24.379,00 денари или некаде 397 евра.

Во таков контекст, реалната куповна моќ на македонската минимална плата е уште послаба, што го продлабочува јазот меѓу Македонија и европските економии, но и го отвора прашањето за одржливоста на животниот стандард на работниците во земјата.

Поврзани вести