Skip to main content

Договорена соработка меѓу даночните администрации на Македонија и Турција

УЈП

Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова, која е дел од македонската делегација предводена од министерката за финансии која е во посета на Турција, остварила серија средби со претставници на турската Влада, Министерството за трезор и финансии и даночната администрација на Турција.

На средбата со министерот за трезор и финансии Мехмет Шимшек и директорот на турската даночна администрација Бекир Бајракдар била договорена нституционална соработка меѓу двете даночни администрации во насока на размена на информации за даночни ризици и заеднички даночни контроли.

Утврдена била потребата за идна соработка преку размена на добри практики и знаења, особено во доменот на дигитализацијата на даночните процеси и поддршка при јакнење на институционалните капацитети преку обуки и техничка соработка.

Директорката на УЈП истакнала дека соработката меѓу двете даночни администрации ќе овозможи продлабочување на соработката меѓу земјите со цел следење на даночните предизвици во глобално поврзаната економија.

Длабоко веруваме дека во денешниот глобален економски амбиент клучна е блиската и координирана соработка помеѓу даночните администрации. Само преку размена на релевантни податоци, заеднички контроли и институционална поддршка можеме ефикасно да го заштитиме даночниот систем од злоупотреби и истовремено да изградиме предвидлива и правична средина за сите обврзници. Договорената рамка на соработка со турските институции претставува значаен чекор за заштита на даночните приходи на двете земји и заедничката борба против даночната евазија, истакнала Петрова.

Делегацијата остварила средба и со турскиот министер за трговија Омер Болат, при што било разговарано за обновување на меѓусебните договори согласно новите стандарди, како чекор кон унапредување на економските односи, привлекување инвестиции и зголемување на трговската размена.

Македонската делегација учествувала на Евроазискиот економски самит во Истанбул, каде обраќање имала министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која посочила дека како мала и отворена економија, силно ги чувствуваме глобалните економски случувања, особено оние во Европа, и затоа политиките на Владата се насочени кон краткорочна поддршка на домашната економија со цел ублажување на надворешните влијанија и зголемување на нејзината конкурентност. Министерката Димитриеска-Кочоска нагласила дека негуваме пријателски односи со Турција, која, како што потенцирала, е значаен поддржувач на реформските процеси што водат кон стабилен и одржлив економски просперитет.

Поврзани вести