Поради зголемената сеизмичка активност во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, училиштата на четири грчки острови во близина на епицентарот ќе останат затворени до петок, согласно одлуката на надлежните комисии при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, од каде што соопштија дека од 1 февруари биле регистрирани над 800 земјотреси посилни од три степени, јави дописничката на МИА од Атина.
Училиштата на Санторини, Иос, Аморгос и Анафи беа затворени во понеделникот, а учениците ниту следната седмица нема да се вратат во училишните клупи, со оглед на тоа што мерката е продолжена до 14 февруари.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) Ефтимиос Лекас, денеска свика нов заеднички состанок на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и Комисијата за следење на вулкански активности во надлежното Министерство со присуство на министерот Василис Кикиљас, генералниот секретар за цивилна заштита Василис Папагеоргиу, како и претставници на раководството на Противпожарната служба за да се испитаат сите досегашни податоци.
Како што соопштија од Министерството, сите членови на Комисиите едногласно констатирале дека „сеизмичката серија во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос останува стабилна, со над 800 земјотреси од 1 февруари до денес со магнитуда од над 3 степени и со максимална регистрирана магнитуда од 5,2 степени“, дека сеизмичка активност се должи на подводни раседи и „не е поврзана со вулканската активност на Камени и подморскиот вулкан Колумбо“ и дека „сеизмичката активност во калдерата останува на истото ниско ниво како и претходните денови“.
Паралелно потсетија на превентивните мерки за граѓаните, односно да избегнуваат големи собири во внатрешноста на објектите; да избегнуваат напуштени објекти; да избегнуваат пристап и престој во пристаништа Амуди, Армени, Крфос и старото пристаниште во Фира; да ги отстранат опасните непотребни предмети на објектите и да ја испразнат водата од базените; да изберат безбедни рути при движењето по градските и локалните патни мрежа, поради опасност од појава на одрони и итно да се евакуираат крајбрежните области во случај на силен земјотрес.
Нов состанок, надлежните Комисии ќе одржат во вторник попладне.