
Довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска, а меѓународниот поредок мора да обезбеди исти правила, достоинство и предвидливост и за малите и за големите држави, порача претседателот на Владата во обраќањето на Генералната дебата на 81. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Во говорот, премиерот се осврна на промените што ги носат вештачката интелигенција, новата енергетска и безбедносна реалност, климатските и демографските предизвици, но и на војните, раселувањето, образованието, миграцијата, европската интеграција и положбата на малите држави во свет во кој моќта сè почесто добива предност пред принципите.
Обраќањето го започна со генерацијата деца што оваа есен првпат ќе седне во училишните клупи, а во 2040 година ќе биде на прагот на зрелоста. Како што рече, сè уште не се знае точно како ќе изгледа светот во кој тие ќе живеат, но извесно е дека ќе биде поинаков од денешниот.
Вештачката интелигенција ќе ги преобрази професиите, индустриите и начинот на носење одлуки, енергетиката ќе функционира според нова логика, а климатските промени ќе влијаат врз економиите, земјоделството, градовите и движењето на луѓето. Демографските промени, пак, ќе ги преобликуваат пазарите на трудот и системите за социјална заштита.
Безбедноста, како што нагласи, повеќе нема да зависи само од армиите и границите, туку и од електроенергетските мрежи, дата-центрите, каблите, сателитите, алгоритмите и довербата во информациите што ги добиваме секој ден.
Наспроти огромниот научен и технолошки напредок, милиони луѓе и натаму живеат во војна или под закана од војна, повеќе од сто милиони се присилно раселени, а над 270 милиони деца и млади не посетуваат училиште.
– Тоа е парадоксот на нашето време. Човештвото никогаш немало толку големи научни и технолошки можности, а сепак никогаш не било поочигледно дека технолошката моќ не создава автоматски и политичка мудрост – порача премиерот.
Според него, вистинското прашање пред Генералното собрание не е само како ќе се управува со кризите во 2026 година, туку каков меѓународен поредок ќе ѝ биде оставен на генерацијата што денес тргнува на училиште. За мала држава, нагласи тој, тоа не е академско, туку прашање на опстанок.
Потсетувајќи на приемот на Македонија во Обединетите нации пред 33 години, премиерот рече дека светот тогаш изгледал многу поинаку. Студената војна била завршена и постоела надеж дека започнува нова ера во која соработката постепено ќе го замени судирот.
Балканот, меѓутоа, живеел во сосема поинаква реалност. Југославија се распаѓала во крвопролевање, војни се воделе непосредно зад нашите граници, а стравот дека насилството може да се прошири бил реален. Македонија, сепак, ги избрала мирот и стабилноста.
Токму на македонска територија Обединетите нации ја воспоставиле првата превентивна мировна мисија во историјата на Организацијата.
– Мирот не започнува кога војната ќе заврши. Мирот започнува кога политиката е доволно мудра да спречи војната воопшто да започне – рече премиерот.
Тој нагласи дека малите држави поинаку гледаат на меѓународната политика, бидејќи немаат простор за стратешки пресврти каков што имаат големите сили. За голема сила, погрешната геополитичка проценка може да значи промена на стратегијата, но за мала земја истата грешка може да значи изгубена деценија.
Затоа малите држави не смеат да бидат рамнодушни кон правилата, ниту да веруваат дека правилата сами ќе се одбранат.
Светот што се создава е свет на поостра конкуренција, прераспределба на моќта и односи меѓу големите сили што сè повеќе ги обликуваат трговијата, технологијата, енергетиката, критичните суровини, транспортните правци и дигиталната инфраструктура.
Она што до вчера се сметаше за економска меѓузависност, денес сè повеќе станува прашање на националната безбедност. Глобализацијата не исчезнува, туку се преобликува, синџирите на снабдување се менуваат, а производството повторно станува геополитичко прашање.
Државите, рече премиерот, повеќе не прашуваат само каде нешто може да се произведе најевтино, туку и кому може да му се верува; не само од каде доаѓа енергијата, туку и дали ќе биде достапна во време на криза; не само кој ја развива следната генерација технологии, туку и кој ќе ги поставува правилата според кои тие ќе функционираат.
Во тој контекст, премиерот испрати јасна порака за геополитичката ориентација на државата.
– Македонските граѓани знаат каде припаѓаат. Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка определба – нагласи тој.
Според него, тоа не се три одвоени политики, туку една геополитичка ориентација втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија.
– Во време на неизвесност, нашиот одговор не е стратешка двосмисленост. Нашиот одговор е јасност – порача премиерот.
Јасноста во сојузништвата, додаде тој, не значи вртење грб на светот. Напротив, држава што е сигурна во своите демократски и стратешки избори може посамоуверено да разговара и да соработува и со земји што имаат поинаква историја, интереси и политички ставови.
На светот, според премиерот, не му е потребна нова поделба на трајни табори, туку конкуренција со граници и правила што сите мора да ги почитуваат, сојузи што преземаат одговорност и меѓународни институции што остануваат простор за дијалог и тогаш кога дијалогот е најтежок.
Обединетите нации се важни не затоа што можат да го решат секој конфликт или затоа што секоја нивна резолуција се спроведува, туку затоа што свет без место каде што сите држави, без оглед на нивната големина, можат да седнат под ист покрив и да се повикаат на исти принципи, би бил уште поопасен.
Повикувајќи се на мислата на поранешниот генерален секретар на ОН, Даг Хамаршелд, дека Обединетите нации не се создадени за да го одведат човештвото во рајот, туку да го спасат од пеколот, премиерот рече дека од Организацијата не треба да се бара совршенство, туку делотворност.
Тоа значи способност да спречува и да посредува, да го штити човечкото достоинство и да ги брани принципите и тогаш кога нивната примена е политички незгодна.
Довербата во меѓународниот систем, предупреди тој, е загрозена бидејќи премногу луѓе оправдано чувствуваат дека правилата не важат еднакво за сите, дека моќта понекогаш има предност пред принципите, а договорите траат само додека интересите остануваат непроменети.
Осврнувајќи се на поновата македонска историја, премиерот посочи дека земјата повеќепати се откажувала од нешто што природно ѝ припаѓа како основно право и што многу други го земаат здраво за готово.
Таа историја, рече тој, е обележана со предизвици, регионални безбедносни ризици, постојани компромиси и отстапки направени во име на мирот, соработката и повисоките цели на интеграцијата – често по цена на најосновното чувство за достоинство и правда.
Македонија донела тешки одлуки и продолжила напред и кога процесите траеле подолго отколку што една генерација граѓани можела разумно да очекува.
– Токму затоа денес можам одговорно да кажам дека довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска – порача премиерот.
Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост. Ако од кандидатите за членство во некоја организација се бара исполнување критериуми, тогаш исполнувањето на тие критериуми мора да води кон напредок. Ако од граѓаните се бара да им веруваат на институциите, институциите мора да покажат дека нивниот збор има вредност и дека преземените обврски траат.
Правилото што важи денес не може утре да биде поинакво само затоа што се променил односот на силите, а преземената обврска не смее да биде привремена политичка погодност, туку основа врз која луѓето ќе можат да ја планираат својата иднина.
Од граѓаните се бара да веруваат во соработката, добрососедските односи, компромисот и заемната почит. Им се кажува дека трајниот мир е повреден од краткорочната политичка победа, дека почитувањето на договорите е знак на сила и мудрост, а европската и евроатлантската интеграција значат прифаќање правила што важат за сите.
Но тој аргумент, предупреди премиерот, станува многу потежок за одбрана кога граѓаните гледаат дека принципот понекогаш ѝ отстапува место на моќта, дека критериумите се менуваат додека процесот трае и дека од едни се бара доследност што другите не ја бараат од себеси.
-Не можеме да им велиме на луѓето „Верувајте им на правилата“ кога гледаат дека правилата не важат еднакво. Не можеме да ги убедиме дека компромисот е доблест ако секој компромис носи ново барање – нагласи тој.
Ова, според премиерот, е прашање на легитимитет, бидејќи авторитетот на избраните лидери не произлегува само од функцијата, туку од граѓаните што ги избираат, бараат одговорност и секојдневно го споредуваат кажаното со она што го гледаат.
Во ера во која информациите го обиколуваат светот за неколку секунди, човештвото има пристап до огромно знаење, но истовремено е изложено и на манипулации, полувистини, фабрикувани слики, пропаганда и организирани дезинформации.
Затоа, задачата на политиката повеќе не е само да ги информира граѓаните, туку да ја заслужи нивната доверба. Не е доволно да им се кажува што е вистина, туку мора да се изградат институции на кои ќе им веруваат и кога вистината е непријатна. Не е доволно да се зборува за вредности, туку мора да се покаже дека тие имаат значење и дека нивната одбрана има цена.
Лидерите треба да ги убедат општествата дека соработката е подобра од изолацијата, владеењето на правото од едностраното постапување, компромисот од конфликтот, а институциите од владеењето на голата сила. Но за тоа уверување да има тежина, и самите мора да бидат доследни.
-Вредностите не се одржуваат со говори. Тие се одржуваат кога се бранат токму во моментот кога е најлесно да се напуштат – рече премиерот.
Светот се менува со извонредна брзина, центрите на моќ се поместуваат, а со нив се менуваат технологијата, економските односи, безбедносните доктрини и сојузите. Во такви периоди лесно се појавува искушението старите принципи да се прогласат за непрактични, правото да се приспособи на моќта, а вредностите да се третираат како луксуз што може да почека.
Но токму во време на промени, порача тој, принципите се најпотребни. Ако државите се откажат од правилата што ги штителе во периоди на стабилност, нема да добијат поголема слобода, туку свет во кој секоја одлука ќе зависи од тоа кој во дадениот момент има поголема моќ.
Должноста на лидерите не е да ветуваат свет без неправда, разочарувања и спротивставени интереси, бидејќи таков свет не постои. Нивната должност е да ја зачуваат вербата во правилата и кога тие се прекршуваат, да ја бранат соработката и кога судирот изгледа попопуларен и да ги направат институциите подостојни за довербата на граѓаните.
Особено е важно разочарувањето од несовршеностите на меѓународниот поредок да не го одведе светот кон нешто уште полошо – состојба во која воопшто нема поредок.
Говорејќи за Европа, премиерот порача дека Македонија нема да се откаже од европската идеја само затоа што европскиот пат бил тежок.
– Европската Унија за нас останува нашиот природен политички, економски и институционален дом – истакна тој.
Истовремено, призна дека Македонија има сериозна работа и дома: да го зајакне владеењето на правото, да изгради поефикасни институции и поконкурентна економија и да ја зголеми довербата на граѓаните во сопствената држава. Тоа, нагласи, е домашна одговорност што нема да биде префрлена на Брисел.
Но Македонија очекува европската интеграција да остане процес заснован врз заслуги и мерливи критериуми, а не процес во кој билатералните прашања постојано ја поместуваат целта.
– Не бараме полесен пат. Бараме пат уреден со правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди – порача премиерот.
Ова е важно и за кредибилитетот на самата Европа, чија геополитичка тежина сè повеќе ќе зависи од способноста преземените заложби да ги претвора во конкретни политички резултати и доследно да ги брани вредностите за кои се залага.
Идниот меѓународен поредок, според премиерот, нема да се обликува само на боиштата и во дипломатските сали, туку и во лабораториите, училиштата, фабриките, енергетските мрежи, дата-центрите и во способноста на општествата да ги разберат технолошките промени.
– Вештачката интелигенција повеќе не е тема на иднината. Таа е инфраструктура на сегашноста – рече тој.
Светот повторно ја препознава вредноста на отпорноста, сигурната енергија, инфраструктурата, разновидните транспортни правци и блиските и доверливи синџири на снабдување.
Во тој контекст, интензивниот развој на коридорите 8 и 10 е дел од пошироката европска визија за подобро поврзување на Јадранското, Црното и Егејското Море со Централна Европа, за повеќе патишта за стоките, енергијата и луѓето и за претворање на регионот од геополитичка периферија во инфраструктурно поврзан простор.
– Нашата географија не мора да биде наша судбина. Таа може да стане наша предност ако ги изградиме институциите и инфраструктурата што ќе ја претворат нашата географска положба во поврзаност – порача премиерот.
Тој повика и на поинаков пристап кон миграцијата, која започнува таму каде што нема безбедност, вработување, образование, пристап до вода, перспектива или верба дека утрешниот ден ќе биде подобар. Затоа миграцијата не може да се третира само како гранично прашање, туку одговорната политика мора да ги поврзе безбедноста, човечкото достоинство, развојот и реалните потреби на пазарите на трудот.
И климатската политика, според него, мора посилно да се потпира на реалноста. Зелената транзиција е неопходна, но ако биде социјално неодржлива, ќе ја изгуби политичката поддршка. Ако создаде технолошка зависност од мал број извори, ќе отвори нови предизвици, а ако од посиромашните држави се очекува исто темпо без еднаков пристап до капитал и технологија, резултатот ќе биде неправда наместо транзиција.
Поради тоа, идната климатска политика мора истовремено да биде еколошка, економска и социјална политика.
Централната тема на заседанието, довербата, не може да се создаде само со резолуција, истакна премиерот. Таа е резултат што се гради кога една институција ја исполнува целта за која е основана.
Затоа е неопходна реформата на Обединетите нации, за Организацијата да стане поспособна и да постигнува подобри резултати, не за да ја замени одговорноста на националните држави, туку за да дејствува таму каде што е потребна заедничка акција.
-Мултилатерализмот не започнува во Њујорк. Тој започнува со квалитетот на државите што доаѓаат во Њујорк – нагласи премиерот.
Македонија е мала земја, рече тој, но одбива големината на нејзината територија да го одредува размерот на нејзините амбиции.
Нејзината амбиција е да стане сериозна држава на која сојузниците можат да ѝ веруваат, во која младите ќе можат да ја планираат својата иднина, која ги почитува различноста и мултикултурниот карактер на општеството и е доволно сигурна во себе за да го брани сопствениот идентитет, без да го негира идентитетот на другите.
Тоа треба да биде држава што ја знае својата историја, но не е заробена во неа, и која не очекува другите да ја изградат наместо неа.
– За мене, тоа е современ суверенитет. Не изолација. Способност – рече премиерот.
Потсетувајќи на зборовите на генералниот секретар Антонио Гутереш дека Повелбата на ОН започнува со „Ние, народите“, а не со „ние, моќните“ или „ние, победниците“, премиерот рече дека токму во тие зборови лежи причината поради која една мала европска земја продолжува да верува во Обединетите нации и кога е разочарана од нив.
Алтернативата на свет управуван според правила не е свет во кој сите се слободни, туку свет во кој најсилните се најслободни, а сите други зависат од нивната добра волја. Таквиот свет можеби за миг изгледа ефикасен, но никогаш не е стабилен.
Пред околу три децении, Обединетите нации дошле во Македонија со идејата дека меѓународната заедница не мора да чека насилството да започне за да дејствува. Денес, според премиерот, повторно е потребна истата политичка мудрост.
Светот не смее да чека технологијата да создаде нови нееднаквости за да воспостави правила, младите да заминат за да создаде општества во кои ќе сакаат да останат, институциите целосно да ја изгубат довербата за да почне да ги реформира или планетата да се подели на спротивставени блокови за повторно да ја открие вредноста на дијалогот.
Враќајќи се на детето со кое го започна говорот, премиерот рече дека никој денес не може да му вети мирен свет, свет без кризи или без конкуренција. Но сегашната генерација лидери може да остави свет во кој моќта нема да биде единствениот аргумент, знаењето нема да биде привилегија на малкумина, сојузите ќе создаваат безбедност наместо нови линии на страв, а технологијата ќе му служи на човештвото.
Тоа треба да биде и свет во кој една мала држава ќе има право на исто достоинство, исти правила и ист глас како и големите сили.
– Тоа е ветувањето што вреди да се обнови. Не затоа што сме наивни во поглед на светот таков каков што е, туку затоа што сме доволно реални да разбереме што се случува кога светот ќе се препушти само на моќта. Македонците и македонските граѓани ќе го преземат својот дел од одговорноста – порача претседателот на Владата од говорницата на Обединетите нации.

Македонски


