
Обвинувања за политички договори, поврзаност со српскиот режим и последици за граѓаните од една страна, а обвинувања за ширење лаги и паника од друга. Случајот со Алта банка повторно предизвика политичка пресметка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, откако лидерот на опозицијата Венко Филипче ја обвини Владата дека дозволила влез на банката во Македонија, без да даде одговори за околностите под кои се случило тоа.
Во интервју за „Ноќно студио“ на 4ТВ, Филипче рече дека премиерот Христијан Мицкоски се обидува да ја дефокусира јавноста и да ја избегне одговорноста, наместо да одговори зошто компанија на истиот сопственик, чија друга компанија претходно била одбиена, добила можност да влезе на македонскиот пазар.
„Значи, една компанија на Давор Мацура одбиваат, друга дозволуваат да влезе во земјата. Зошто? Освен ако не е некаква форма на комуникација, политички дил и притисок со автократскиот режим поранешен во Србија. Логично ли е прашањето? Логични прашања поставуваме, а тие дефокусираат и се обидуваат да избегнат одговорност“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ поставува конкретни прашања на кои власта треба да одговори, посочувајќи дека последиците од работењето на Алта банка веќе ги чувствуваат граѓаните и компаниите.
Филипче отиде и чекор понатаму, оценувајќи дека не станува збор за голема меѓународна банкарска институција, туку за, како што ја нарече, „најголема пералница на пари на Вучиќ“. Според него, проблемот не е само во банката, туку и во политичките структури со кои ја поврзува.
„Српскиот свет не се ни Србија ни Србите, братскиот народ, туку е СНС, партијата на Вучиќ и неговиот автократски режим, којшто переше пари, шверцуваше дрога и носеше руски пари. Тоа е српскиот свет“, рече лидерот на СДСМ.
На обвинувањата реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што го обвинија Филипче дека ја користи темата за ширење страв и манипулации меѓу граѓаните, наместо да понуди факти и аргументи.
„Филипче треба да разбере дека ширењето лаги и паника меѓу граѓаните не е политичка програма, што побрзо го разбере тоа подобро за него“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека Филипче, како и на неговиот ментор Зоран Заев, политичката матрица му се сведува на лаги и манипулации, додавајќи дека опозицијата нема аргументи и затоа посегнува по заплашување на граѓаните.
Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа лидерот на СДСМ наместо, како што велат, да шири хистерија, во јавноста да излезе со конкретни факти, доколку ги има.
Така, наместо одговори за прашањата околу влезот на Алта банка, случајот продолжува да биде предмет на меѓусебни политички обвинувања меѓу двете најголеми партии.

Македонски




