Skip to main content

Тешка несреќа кај Краљево: Две тинејџерки повредени при опасно „влечење санка“ со автомобил

Тешка сообраќајна несреќа се случила во селото Мршаќ, на подрачјето на Краљево во Србија, при што две тинејџерки на возраст од 16 и 17 години се здобиле со тешки телесни повреди.

Според информациите, на вознемирувачко видео кое кружи на социјалните мрежи се гледа автомобил кој на лизгав и заснежен пат влече санка во која се наоѓаат двете девојки, додека зад него се движи уште едно возило кое го осветлува патот. Опасното возење се одвивало на пат покриен со снег и мраз, што дополнително го зголемило ризикот.

Во еден момент возилото што ја влечело санката забрзало, по што девојките паднале на коловозот. Автомобилот кој се движел зад нив не успеал навреме да застане и ги удрил.

Полицијата ги уапсила двајцата возачи – 19-годишниот Л. П., кој управувал патничко возило „Фолксваген“ со пробна возачка дозвола, и 35-годишниот Ѓ. Ј., кој управувал „Фиат“ и се движел зад санката, наводно за да обезбеди патот.

Несреќата се случила во средата околу 22 часот, а двајцата осомничени се приведени и предадени на Основното јавно обвинителство во Краљево.

Според српските медиуми, едната тинејџерка се здобила со повреда на ногата, а другата со повреда на главата, но нивните повреди, за среќа, не се опасни по живот.

Се претпоставува дека целта на опасното возење била снимање видео за социјалните мрежи.

Поврзани вести