
Грчката опозициска партија СИРИЗА бара повлекување на државната телевизија ЕРТ и Грција од Евровизија следната година, поради учеството на Израел, додека, пак, владиниот портпарол Павлос Маринакис нагласи дека станува збор за музички натпревар што обединува, јави дописничката на МИА од Атина.
Од СИРИЗА преку соопштение посочија дека во време кога голем број европски земји, Ирска, Шпанија, Холандија и Словенија се повлекуваат од Евровизија, во знак на протест против учеството на Израел, „Владата на Мицотакис одбива да донесе ваква одлука“.
Владата е должна веднаш да ја напушти доктрината за стратешки сојузник со убиствениот режимот на Нетанјаху, кој врши геноцид во Газа. Елементарното почитување на народот на Палестина и страдањето со кое се соочува, бараат од Грција да се дистанцира од неодамнешната одлука на Европскиот радиодифузен сојуз, која го отвори патот за учество на Израел, и повлекување на ЕРТ од Евровизија, соопштија од СИРИЗА.
На денешниот брифинг со новинарите, портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, ја обвини опозициската партија за лицемерие, прашувајќи се дали имаат ист став и кога станува збор за Украина и додаде дека ако постоеше натпревар за лицемерие, „ќе добиевме 12 поени од сите земји“ и дека Грција ќе беше една од земјите, во однос на опозицијата „која постојано и масовно ќе добиваше 12“.
За среќа, Евровизија е музички натпревар. Тоа е натпревар што обединува, натпревар на култура, каде што идеолошки опсесии и политички судири од ваков вид, со овие карактеристики, немаат место. И за среќа што немаат место, рече Маринакис.
Тој објасни дека по информации што ги добил од ЕРТ, на неодамнешното Генерално собрание на ЕБУ со речиси 70 отсто од гласовите било одлучено дека нема причина да се разгледа можноста за исклучување на учеството на државната телевизиска станица КАН од Израел од натпреварот.

Македонски







