Skip to main content

Протести во Србија: Илјадници граѓани на улиците во поддршка на мајката на загинатиот Стефан Хрка

Илјадници граѓани вечерва излегоа на улиците во Нови Сад, а дел од протестите се проширија и во Белград, Кула, Сремска Митровица, Врбас и Суботица, во поддршка на Дијана Хрка, мајката на 26-годишниот Стефан Хрка, кој загина во падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад пред една година.

Демонстрантите во Нови Сад се упатија кон просториите на владејачката Српска напредна странка (СНС) и кон полициската станица, блокирајќи делови од центарот на градот. Со автомобилски сирени, вувузели, свирчиња и транспаренти со пораки „Сакаме избори!“, „Правда!“ и „Рацете ви се крвави!“, тие бараа одговорност за трагедијата и правда за жртвите. На неколку локации оставија црвени отпечатоци од дланки на тротоарите како симбол на протест.

Дијана Хрка, која од денеска штрајкува со глад пред Парламентот во Белград, изјави дека оваа форма на протест е нејзин повик за вистина и одговорност:

„Барам правда и одговор за тоа кој го уби мојот син и уште 15 лица во трагедијата во Нови Сад,“ изјави Хрка.

Судири и тензии пред Парламентот во Белград

Пред Народното собрание во Белград вечерва се собраа повеќе групи – граѓани кои ја поддржуваат Хрка, поддржувачи на СНС и студенти кои се противат на блокадите. Меѓу нив се појавија и силни полициски кордони, а според очевидци, биле употребени петарди и пиротехнички средства. Еден полицаец бил полесно повреден од „топовски удар“.

Министерството за внатрешни работи и БИА ги осудија инцидентите, наведувајќи дека „организирана група учесници на непријавен собир фрлала предмети и пиротехника кон пријавениот јавен собир во Пионирскиот парк“, при што бил запален еден шатер.

Апел за мир и реакција на мајката

Воените ветерани на местото повикаа на воздржаност и создадоа тампон-зона меѓу полицијата и граѓаните, порачувајќи дека Дијана Хрка не сака ескалација.

„Не го сакам ова што се случува вечерва во Белград. Ги молам граѓаните да се оддалечат и да нема насилства,“ им пренесоа нејзината порака.

Хрка потоа им се обрати директно на полицајците во кордонот:

„Не ви е срам да ги обвинувате овие луѓе? Ако ги пуштите провокаторите на улица, никој нема да ги спаси. Србија ќе дојде,“ рече таа со мегафон.

Протестите се шират

Тензии се забележани и пред канцелариите на СНС во Кула и Сремска Митровица, каде што се распоредени над 200 полицајци за спречување немири. Протестни собири се одржуваат и во Врбас и Суботица.

Во меѓувреме, претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави во телевизиско обраќање дека „вечерашните немири се очекувани по вчерашниот дебакл во Нови Сад“, додавајќи дека групи од толпата „се обиделе да запалат шатори и користеле факели и шишиња“.

Годишнина од трагедијата

Само ден претходно, во Нови Сад беше одбележана едногодишнината од падот на бетонската настрешница на железничката станица – несреќа во која загинаа 16 лица, меѓу кои и синот на Дијана Хрка. Според студентските организации, околу 110.000 граѓани присуствуваа на комеморацијата, без инциденти.

Поврзани вести