
Од 1 јануари 2026 година, Словенија ќе започне со примена на нов закон кој значително ќе го измени пазарот на труд.
Законските измени предвидуваат зголемени надоместоци за невработени, подобри услови за студенти и пензионери, како и поголема флексибилност за работници над 58 години или со најмалку 35 години стаж. Тие ќе може да изберат скратено работно време или продолжен викенд.
Клучна новина е моделот „80-90-100“: 80% работно време, 90% плата, но со целосни придонеси. Овој пристап веќе покажал позитивни резултати во пилот-проекти, како што се зголемена продуктивност и намалени отсуства.
Новите правила ќе се воведуваат постепено почнувајќи од 1 јануари 2026 за целосно да се применат до 2028 година, кога може да се воведат и дополнителни реформи, како бонуси за работа во сабота и пократка работна недела.
Невработените ќе добиваат повисоки надоместоци – до 130% од минималната бруто плата во првите три месеци. Ќе се подобрат и условите за ученици, студенти, учесници во јавни работи и пензионери, чии часовни лимити за платена работа ќе се зголемат.
Иако законот беше усвоен под итна постапка заради добивање европски фондови, Министерството за финансии изрази загриженост за буџетското оптоварување, проценето на над 40 милиони евра.