
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ денеска на Самитот на младите на НАТО во Будва изјави дека Црна Гора е посветена на зголемување на трошоците за одбрана во согласност со обврските од Самитот на НАТО во Велс.
-Црна Гора е веќе меѓу земјите што издвојуваат два проценти за одбрана, што потврдува дека е сигурен сојузник, рече Милатовиќ.
Тој додаде дека Црна Гора, како кредибилен член, ќе продолжи да ги исполнува своите обврски и потсети дека неговата земја придонесува за колективната безбедност на источното крило на НАТО и дека црногорската армија е присутна во Бугарија, Латвија, а учествува и во вежбите на Алијансата.
Милатовиќ, исто така, истакна три клучни придобивки од членството на Црна Гора во Алијансата – зачувување на националната безбедност, модернизација на црногорската армија и дека членството во НАТО е обично првиот чекор пред членството во ЕУ.
Одговарајќи на прашање за регионалната улога на Црна Гора, Милатовиќ рече дека Црна Гора продолжува да игра конструктивна улога во промовирањето на стабилноста и безбедноста и дека со пристапувањето во НАТО, таа придонела за стабилноста на Балканот.
-Црна Гора може да биде пример за другите земји кога станува збор за добри односи со соседите, членство во НАТО и европска интеграција, рече Милатовиќ.
Црногорскиот претседател ја искористи можноста да нагласи дека Црна Гора е најнапредната земја на патот кон членство во ЕУ.
Тој додаде дека „како прва членка на ЕУ, Црна Гора може да стане пример за целиот регион, потврдувајќи дека реформите се исплатливи и дека европската иднина на регионот е можна, како и дека полноправното членство во ЕУ до 2028 година е амбициозна, но сепак реална цел“.