Skip to main content

Мицотакис веројатно ќе направи реконструкција на Владата во следните денови

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис веројатно во следните денови ќе направи реконструкција на Владата, според информациите во новинарските кругови во Грција и во грчките медиуми, а промените се очекуваат во текот на оваа седмица, најдоцна до петок, односно по инаугурацијата на новиот претседател закажана за в четврток, јави дописничката на МИА од Атина.

Медиумите во Грција коментираат дека Мицотакис планира да направи „рестарт“ на неговата Влада, по масовните протести пред десет дена на двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи, но и откако Парламентот во петокот не го изгласа предлогот на четирите опозициски партии за недоверба на Владата.

Според истите информации, промените, се очекува да бидат драстични, медиумите коментираат дека меѓу главните министерства во кои ќе се направат овие промени се министерствата за финансии и за транспорт и инфраструктура, но и дека ќе има измени и на позициите државни министри.

Грчкиот премиер денеска ќе се сретне со претседателката Катерина Сакеларопулу, што воедно ќе биде и последна нивна средба, со оглед на тоа што новоизбраниот претседател Константинос Тасулас ќе положи свечена заклетва в четврток и ќе стапи на функција.

Владата на Нова демократија е речиси на половина од вториот мандат, откако по победата на изборите во јуни 2023 година со 40,6 отсто, доби доволен број пратеници за формирање еднопартиска Влада, а грчкиот премиер континуирани посочува дека следните избори ќе бидат во 2027 година на крајот на мандатот, отфрлајќи секакви сценарија за предвремени избори во земјата.

Поврзани вести