Skip to main content

Мицотакис направи реконструкција на Владата, Герапетритис останува шеф на дипломатијата

Промени во неколку Министерства меѓу кои и оние за национална економија и финансии, за инфраструктура и транспорт, за енергетика, за миграција итн, направи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, додека пак Јоргос Герапетритис и Никос Дендиас се меѓу министрите кои останаа на нивните позиции, односно во Министерствата за надворешни работи и за национална одбрана, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис претпладнево го соопшти новиот владин состав и досегашниот министер за национална економија и финансии Костис Хаѕидакис станува заменик-претседател на Владата, на негово место доаѓа Кирјакос Пиеракакис од Министерството за образование, каде што сега министерка ќе биде Софиа Захараки.

Промени има и во Министерствата за транспорт и инфраструктура, за животна средина и енергетика, миграција и азил, социјална кохезија и семејство, поморство, цивилна заштита и климатски кризи, како и на неколку заменик-министерски места.

Во Министерството за транспорт доаѓа Христос Димас, за енергетиката и животната средина надлежен ќе биде поранешниот државен министер Ставрос Папаставру, во Министерството за миграција и азил доаѓа Макис Воридис, за поморство надлежен ќе биде Василис Кикиљас, кој досега беше министер за цивилна заштита и климатски кризи, а на негово место доаѓа Јанис Кефалојанис.

Непроменети на нивните позиции остануваат министрите за надворешни работи, за одбрана, за внатрешни работи, за заштита на граѓаните, за здравство, за правда, за култура, за развој, за поморство, за туризам и за дигитално управување.

Новите министри и заменици утре претпладне ќе положат свечена заклетва, по што новиот владин состав ќе ја одржи првата владина седница.

Реконструкцијата на Владата е по масовните протести што пред две седмици се одржаа во Атина и низ цела Грција на двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица.

Последната реконструкција на Владата беше на 14 јуни минатата година по европските избори.

Владата на Нова демократија е речиси на половина од вториот мандат, откако по победата на изборите во јуни 2023 година со 40,6 отсто, доби доволен број пратеници за формирање еднопартиска Влада, а грчкиот премиер континуирано посочува дека следните избори ќе бидат во 2027 година на крајот на мандатот, отфрлајќи секакви сценарија за предвремени избори во земјата.

Поврзани вести