Skip to main content

Грчката пошта затвора над 200 филијали низ цела Грција

Прекин на работата од понеделник на 204 филијали низ цела Грција, „кои имаат минимална трговска активност, со што се заокружува планот за рационализација на мрежата“, соопштија од грчките пошти (ЕЛТА), а затворањето на филијалите предизвика реакции во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Од ЕЛТА објаснија дека оваа мерка има за цел да обезбеди долгорочна одржливост на компанијата, која сега се фокусира на нови услуги, технолошка надградба и подобри услови за вработените и клиентите, а за конкретните филијали што се затвораат посочија дека „трансакциите учествуваат со помалку од 10 отсто во приходите, но трошат повеќе од 50 проценти од расходите на ЕЛТА“.

За затворањето на филијалите реагираа опозициските партии, но и дел од општините, особено од помалите населени места.

Министерот за национална економија и финансии на Грција Кирјакос Пиеракакис, коментирајќи ги реакциите посочи дека ЕЛТА при донесувањето одлуки треба да се земат предвид сите параметри и нагласи дека Владата „многу ја поддржа компанијата финансиски, со зголемување на акционерскиот капитал од над 250 милиони евра“.

Поврзани вести