Претседателот на Република Српска, Милорад Додик денеска изјави дека е шокиран од информацијата за откажување на Самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан и на Европската унија во Неум, поради пропаднат тендер и понуди Самитот ќе се одржи во Бања Лука.
„Со неверување и шок ја примив веста дека заедничките институции на Босна и Херцеговина успеаја да заебаат со откажувањето на самитот на лидерите на Западен Балкан и ЕУ поради неорганизираност и процедурални пропусти“, напиша Додик на Х.
Тој оцени дека тоа е „уште еден во низата докази дека политичко Сараево не е на висина на задачата за одговорност, што треба да биде во интерес на сите граѓани на Босна и Херцеговина“.
„Република Српска никогаш не би си дозволила ваков срам. Постојано докажавме дека сме способни да организираме многу сложени, тешки и значајни настани на највисоко ниво, вклучително и посети на државници и меѓународни делегации“, рече Додик.
Тој предложи Самитот да се организира во Бања Лука, додавајќи дека посветеноста на РС за одговорна и професионална работа е „призната и од домашните и од меѓународните партнери“.