Skip to main content

Цените на производите во грчките супермаркети повисоки за 1,84 отсто споредбено со лани

nathalia-rosa-on-unsplash
Nathália Rosa on Unsplash

За 1,84 отсто се зголемиле цените на производите во грчките супермаркети во јули годинава споредбено со истиот месец лани, а за една година, најголемо зголемување има на цените на свежото месо, а најголемо намалување кај детергентите и средствата за чистење, покажуваат резултатите од истражувањето на грчкиот Институт за истражување на малопродажба на стоки за широка потрошувачка (ИЕЛКА), јави дописничката на МИА од Атина.

Цените во јули 2025 година во споредба со претходниот месец се минимално намалени за 0,24 отсто, а како што соопштија од Институтот во текот на 12-месечниот период (јули 2024-јуни 2025 година) е евидентиран маргинален пораст од 0,56 проценти.

Во однос на категориите производи со најголеми зголемувања во јули 2025 година во споредба со јули 2024 година, на прво место е свежото месо, што е за 9,63 отсто поскапо, бисквитите, чоколадите и слатките производи се поскапи за 9,39 проценти, цените на производите за подготовка појадок се за 8,40 отсто повисоки, а меѓу 4,5 и 5,3 отсто се зголемиле цените на овошјето и зеленчукот и свежата риба и морските плодови.

Од друга страна, најголеми намалувања на цените минатиот месец, споредбено со една година претходно, имало кај детергентите и средствата за чистење, прехранбените производи, храната за домашни миленици, канцелариски материјал, козметика и производи за лична хигиена.

Според ИЕЛКА, причините што нема драстично зголемување на цените во супермаркетите се: намалување на инфлацијата, владините мерки, понудите и попустите, како и висока стапка на обрт на залихи.

Поврзани вести