
Горниот дом на Парламентот на Босна и Херцеговина, попознат како Дом на народите, денеска едногласно ги усвои измените на Законот за служба во вооружените сили. Со овие измени, максималната возраст за професионална воена служба на војниците се зголемува на 45 години, јавува регионалната телевизија Н1.
Законот, кој беше разгледан на вонредна седница, беше предложен од делегатот Џемал Смаиќ. Со усвоените измени се поместува досегашната граница која изнесуваше 40 години, под услов војниците да ги исполнуваат психофизичките барања и потребите на службата.
Во образложението, Смаиќ нагласи дека вооружените сили на БиХ се соочуваат со сериозен недостиг на персонал, поради што продолжувањето на старосната граница е неопходно за одржување на оперативните способности на армијата. Според него, оваа мерка ќе овозможи подобра искористеност на постојниот кадар и ќе придонесе за стабилноста на одбранбениот систем.
Новиот закон овозможува подолг професионален ангажман на војниците, без притоа да се менуваат строгите стандарди за физичка и психичка подготвеност.

Македонски






