
Албанската државна полиција објави дека само во текот на месец мај биле финализирани 99 полициски операции, од кои 34 од меѓународен карактер.
„Уапсени се 625 лица осомничени за кривични дела, додека запленети се 50 парчиња огнено оружје, околу 84 кг канабис, поголема количина кокаин и 2861 семки од канабис. Блокирани се и пари и имот во вредност од околу 415 илјади евра стекнати од криминални активности”, стои во објавениот извештај.
Исто така во рамки на мега-операцијата „Координата“, уништени се 8.269 стебла канабис. Само во Тирана и Скадар, 13 лица се уапсени за шверц на оружје, внесено главно од Косово, додека во Драч, 7 лица, меѓу кои и 3 лица од висок ризик, се уапсени со оружје подготвено за пукање во ресторани.
Покрај тоа, финализирани се 22 акции против кражба и разбиени се 13 случаи на шверц на граничните премини. Исто така, биле пресретнати нелегални активности со коцкање и обиди за трговија со мигранти.
„Сообраќајната полиција продолжи со интензивен мониторинг, при што уапси 155 возачи, 107 за возење под дејство на алкохол и 48 без возачка дозвола. 191 возачка дозвола е суспендирана, додека над 12 илјади казни се изречени за пречекорување на дозволената брзината, се додава во извештајот.
Статистиката на граничната полиција идентификувала 50 случаи на нелегално преминување на границата, 22 обиди со лажни документи и 6 случаи на шверц со моторни возила.