
Владата останува посветена на унапредување на безбедноста во сообраќајот, а системот „Безбеден град“ веќе дава конкретни резултати, изјави денеска на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски.
Тој соопшти дека во првите пет месеци од годинава бројот на загинати во сообраќајни незгоди е намален за 40 проценти во споредба со истиот период лани. Според него, годинава животот го загубиле 33 лица, додека во истиот период минатата година имало 55 жртви.
Велјановски нагласи дека целта на системот „Безбеден град“ е намалување на бројот на тешки сообраќајни незгоди, како и преполовување на смртните случаи и сериозните повреди на патиштата до 2030 година.
Тој потсети дека системот најпрво беше воведен во Скопје, Куманово, Тетово и на коридорите 8 и 10, а подоцна е имплементиран и во Велес. Додаде дека минатата недела камери биле поставени и на автопатот кај Ново Село во општина Дебарца, додека паралелно започнало и постепеното воведување на системот во Охрид.
Според Велјановски, проектот ќе продолжи да се шири и во останатите градови низ државата, со цел дополнително да се зголеми безбедноста на граѓаните и да се намали бројот на сообраќајни несреќи.
Прес-конференцијата е дел од активностите на ВМРО-ДПМНЕ за промоција на резултатите од владините политики во областа на сообраќајната безбедност.

Македонски



