
Туристка од Србија била касната од опасната риба-зајак додека влегувала во морето на плажа во Пефкохори, едно од најпосетуваните летувалишта на Халкидики.
Инцидентот се случил во вода длабока до колена, додека жената била на плажа со пријатели. Набргу по влегувањето во морето почувствувала остра болка во пределот на глуждот.
Туристката за грчката телевизија АНТ1 раскажала дека рибата силно ја каснала и не ја пуштала, поради што почнала да ја тресе ногата за да се ослободи.
Погледнав надолу и видов огромна риба. Знаев како изгледа рибата-зајак и веднаш сфатив за што станува збор. Се испаничив, истрчав од морето и почнав да плачам“, раскажала жената.
По инцидентот, грчкиот Црвен крст објави предупредување и упатства за капачите како да постапат доколку бидат каснати од овој инвазивен морски вид.
Раната треба веднаш да се измие со чиста вода и сапун. Доколку има крварење, потребно е да се притисне со чиста крпа или завој, а повреденото место да се држи подигнато.
Не се препорачува нанесување антисептик без совет од лекар. Повредениот треба што е можно побрзо да побара медицинска помош, особено ако каснувањето е длабоко или крварењето не престанува.
Грчките власти неодамна воведоа и финансиски надомест за рибарите кои ќе ја уловат рибата-зајак, во обид да го намалат нејзиното присуство и штетата што ја предизвикува врз морскиот свет и рибарството.
Инцидентот во Пефкохори е ново предупредување за туристите да бидат внимателни при влегување во плитка вода и да не се обидуваат да допираат, фаќаат или хранат непознати морски видови.

Македонски



