
Администрацијата на американскиот претседаел Доналд Трамп сериозно разработува план за префрлање на 1 милион Палестинци во Либија. Вашингтон веќе остварил контакти со властите во Триполи. За да прифатат толку многу луѓе им се ветува пристап до околу 30 милијарди долари либиски пари, кои во САД беа замрзнати пред повеќе од една деценија. Информиран е и Израел, но конечен договор нема, тврдат изворите на „НБЦ њуз“.
Планот предвидува преселбата да биде на доброволна основа. Палестинците би биле мотивирани со финансиски стимулации, бесплатно сместување и гарантирани месечни примања.

Претставник на Хамас изјави дека не е запознаен со таков план, но истакна дека Палестинците немаат никаква намера да ја напуштат својата земја.
Палестинците се подготвени да се борат до крај и да жртвуваат сè за да ја одбранат својата татковина, семејствата и иднината на своите деца“, изјави Басем Наим од Хамас.
Прашање е дали Либија, земја со околу 7,4 милиони жители во која беснее граѓанска војна, може да прими 1 милион луѓе. Откако воена интервенција на западните земји помогна да биде соборена власта на полковникот Моамер Гадафи, во оваа земја има две влади што се борат и меѓу себе и за меѓународно признавање. Стејт департментот ги предупредува американските граѓани да не патуваат во Либија поради „криминал, тероризам, неексплодирани мини, граѓански немири, киднапирања и вооружени конфликти“.

САД разгледуваат повеќе потенцијални логистички опции за трансфер: со авиони, бродови и автобуси. За да се префрлат 1 милион луѓе по воздушен пат, на пример, потребни би биле 1.173 летови со најголемиот патнички авион. Најблискиот аеродром до Газа е во Каиро, оддалечен 300 километри. Ако се користат бродови, би биле потребни 500 тури со големите фериботи кои САД веќе ги користеа во 2011 година за да евакуираат по 2.000 цивили што бегаа од граѓанската војна во Либија.
Планот се поврзува со веќе отфрлената иницијатива на Трамп од пред три месеци, кога најави дека би ја обновил Газа и би ја претворил во „Ривиера на Медитеранот“, но без Палестинци во неа и со пари од соседните арапски земји.
Ќе го преземеме тој дел, ќе го развиеме и ќе создадеме илјадници и илјадници работни места. Тоа ќе биде нешто со кое ќе може да се гордее целиот Блиски Исток, изјави тогаш Трамп.
За Палестинците тој најави дека трајно би биле преселени во „убави домови, каде што ќе бидат среќни и нема да бидат убивани, како што им се случува сега во Газа“.
Ако Либија одбие, како алтернативна локација за префрлање на Палестинците од Газа се спомнува и Сирија. Откако поранешната терористичка група поврзана со Ал каеда во декември ја собори власта на Башар ал Асад, САД брзо ја укинаа потерницата по џихадистичкиот лидер Ахмад ал Шара. Трамп пред неколку дена се сретна со него и објави дека САД ги укинуваат санкциите за Сирија.